ИнтервјуаНовостиСветот на работникот

Таа е еден од ретките работодавачи кои има воведено флексибилно работно време за своите вработени

   Време за читање 7 минути

Александра Андреева е млад претприемач кој има основано свое сметководствено биро кое се нарекува „Андреева Консалтинг“ и се наоѓа во боемскиот град, Велес. За „Андреева Консалтинг“, интересно е тоа што е една од ретките компании кои имаат воведено флексибилно работно време за своите вработени.

Сепак, поради тоа што досега не сме разговарале со сметководител, сметавме дека најдобро е да започнеме од основното и најочигледното – проблемите со кои се соочуваат сметководителите во Македонија. 

Александра ја запрашавме кои се најгорливите проблеми со коишто се соочуваат сметководителите, на што таа истакна дека сметководителите, како единствен линк помеѓу државата и стопнаството се едни од најважните чинители за ефикасно функционирње на сите економски процеси во државата, нагласувајќи дека истовремено се и професионалци кои години наназад се оставени некаде најдоле на маргините, поради повеќе причини. 

ФОТО: Александра Андреева

Вели дек Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) е блокиран 3 години во работењето (заради истечени мандати и/или во оставка), актуелниот Закон за вршење на сметководствени работи во многу нешта се покажал нефункционален во обезбедување на права наспроти сите наметнати обврски, но, потенцира дека најважно од се е тоа што молкот на ресорното Министерство за финансии за сите проблеми е она што довело до безизлезна ситуацијата. Таа наброи уште неколку причини, меѓу кои ги спомена и нелојалната конкуренција, континурираното воведување на нови обврски без консулатција со експерти – практичари од областа, за да се увидат реалните можности и капацитети и законски измени без доволен временски интервал за нивна имплементација. Овие, како што вели Андреева, се само дел од проблемите со кои сметководителите секојдневно се соочуваат на терен и поради кои професијата демографски гледано е во изумирање. 

Андреева смета дека доколку состојбата не се подобри, државата се соочува со ризик за 10 – тина години да остане без сметководители.

Нашето следно прашање беше околу тоа како корона кризата се одрази врз работењето на сметководственото биро чиј сопственик е Андреева. Таа ни рече дека пандемијата со која се соочи светот во изминатата година, скоро и да не одмина ниту една дејност, ниту една компанија, напоменувајќи дека директно или индиректно речиси сите беа погодени, вклучително и нејзиното сметководствено биро. 

„Од една страна работните обврски многукратно се зголемија, имајќи во предвид дека спроведувањето на сите економски мерки во пракса беше на наш терет, а од друга страна отежната наплата и намалена ликвидност поради тешката финансиска состојба во која повеќе или помалку се наоѓаат нашите клиенти. Намалените човечки капацитети и отежнат проток на финансиска документација беа уште еден од факторите зошто навременото и точно запазување на сите рокови беше невозможна мисија без деноноќно работење и вложување натчовечки напори, додека институциите до последен момент калкулираа за излегување во пресрет на нашите барања“, рече Андреева.

Следното прашање кое и го поставивме се однесуваше на токму она коешто го споменавме во воведот, а тоа е флексибилното работно време кое Александра Андреева го има воведно, како работодавач за своите вработени во „Андреева Консалтинг“. 

Работното време за неа и нејзините четири вработени е скратено и флексибилно, па наместо законски предвидените 8 работни часа, работното време во Андреева Конслатнинг е од понеделник до петок, од 8:30 часот до 15 часот, со вклучена пауза, што за деловното опкружување во Македонија е незамисливо, вели Андреева.

„На почетокот, како самовработена, започна поради моите потреби како мајка на две мали деца, но потоа како растеше фирмата и бројот на вработени, истите услови важеа и се уште важат и за нив. Порано секоја втора сабота беше работна, но со соодветна реорганизација и договор со клиентите, сега викендите ни се слободни, што секако позитивно влијае на мотивацијата и продуктивноста на вработените“, вели Андреева. 

Истакна дека флексибилноста на работното време е во тоа што секој од вработените, доколку има потреба, може да дојде подоцна и да замине порано, без притоа да има строги процедури и правила, се додека истото не влијае врз ефективното исполнување на работните задачи. Оваа слобода која ја имаат, вели Андреева, е соодветно возвратена со максимална посветеност од нивна страна, надоврзувајќи се на тоа дека како што и многупати кажала досега, ако постои нешто како совршен тим, таа го има тоа совршенство. 

На прашањето дали може да се заклучи дека со ваквиот чекор на воведување на флексибилно работно време таа е работодавач кој смета дека треба да се воведе флексибилно работно време во сите компании, каде што е можно тоа, Андреева вели дека таа е работодавач кој смета дека за успешно функционирање на еден бизнис, се започнува од тимот, односно вклопување во „семејството“.

ФОТО: Александра Андреева

„Колку работниците зависат од работодавачот, толку и работодавачот зависи од работниците и неопходна е синергија во делувањето и обезбедување на квалитетни услови за работа. Во ова секако влегува и флексибилност на работното време, како и скратен работен ден како во некои европски земји. Ригидното држење до 8 или повеќе часовно и нефлексибилно работно време, не значи и поголема ефективност по автоматизам. Секако, доколку согласно потребите на компанијата ова е возможно и притоа ефикасноста на работниот процес не трпи штети“ вели таа.

На крај ја прашавме, дали согледувајќи ја ситуацијата во Македонија воопшто е можно компаниите да воведат флексибилно работно време, на што Андреева истакна дека секоја компанија, секоја дејност е приказна за себе и подвлече дека не би можела да тврди дали е ова возможно да се спроведе секаде.

Потенцира дека потребни се соодветни анализи на терен и пробен период на прилагодување за оние кои ќе се решат со коишто би се утврдило влијанието што ваквото работно време ќе го има на работниот процес и ефективноста на истиот. Но, во секој случај ги охрабрува работодавачите да се обидат, нагласувајќи дека промената започнува токму од нив. 

Бобан Илијевски