Дали во Македонија се исплати да се започне бизнис? – Препораки од бизнис секторот
Бројот на младите кои сакаат да започнат свој бизнис, преку мерката на Агенцијата за вработување за Самовработување која е финансирана од страна на УНДП, се намалува. Ова го покажува анализата „Ефикасноста на политиките на младинското самовработување во Северна Македонија“ на „МладиИнфо“, од каде во анализата посочуваат дека и покрај добрата волја на институциите и мерките за самовработување, таргетирањето на младите и нивната мотивација за користење на мерките не е доволна.
Бобан Илијевски
Сепак, има млади луѓе коишто се решаваат да ја искористат мерката за Самовработување преку која на младите им се овозможува сума од 5,000 евра за да започнат сопствен бизнис и да станат претприемачи. Една од овие млади луѓе е и Нена Велковска од Куманово која со помош на грантот за Самовработување на Владата, минатата година го отворила модното ателје за модерна женска облека „Velkovska Couture“ во Куманово.
Пријавувањето за оваа мерка е едноставно. Потребна е лична карта и лицето кое аплицира да е евидентирано како „Активен Барател“ на работа во Агенцијата за вработување.
Велковска вели дека процедурата е релативно лесна за поминување, но е малку бавна, потенцирајќи дека Ковид кризата уште повеќе ја забави.
Во заклучокот на анализата на „МладиИнфо“, стои дека комплексноста на процедурата и недоволната дигитализација се двете пречки поради кои младите не се одлучуваат да ја искористат оваа мерка, притоа нагласуваат дека и сумата од 5,000 евра за основање на компанија е голема пречка за младите, особено тие од социјалните групи, руралните средини и друго.
Велковска вели дека постапката за добивање грант се состои од: слушање на предавања во кои пред се, се објаснува процесот на изработка на бизнис план, избирање на фирми за соработка, собирање профактури, исплата на фирмите и подигнување на производите.

„Сумата од 5,000 евра е доволна за некои бизниси, а за некои не. За мојот бизнис-атеље за облека, 5,000 евра беа доволни за уредување, меѓутоа моја препорака е да се имаат плус неколку илјади евра на страна, поради трошоците околу плати, придонеси, маркетинг и сл. првите месеци. Особен акцент ќе ставам на маркетингот (иако не сме легално обврзани како за придонесите и сл.), во кој според мене најмногу вреди да се вложи , бидејќи живееме во дигитална ера, и последниве години, а особено 2020/21, огромен дел од експожурот и потенцијалната продажба се одвиваат преку интернет, односно социјалните мрежи“, вели Велковска
За условите за бизнис во Македонија, вели дека како и во целиот свет, зависат од повеќе фактори.
„ Јас можам да зборувам конкретно за мојата сфера. Со добар маркетинг и со специфични производи, кои не можат да се најдат на друго место во регионот, како и примамливи цени, мислам дека може да се просперира“, рече Велковска
Треба да се обрне внимание и на конкурентноста, порача таа, бидејќи ако пазарот е презаситен од истите производи на повеќе продажни места, поголеми се шансите одреден бизнис да не успее, па поради тоа, како што вели, посебноста и уникатноста би требало да се едни од основните карактеристики на било кој, а особено нов бизнис што допрва треба да се шири.
Најголем проблем за започнување бизнис – сивата економија
Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија за порталот Работник вели дека деловната клима за развој на претприемништвото кај нас не е поволна од повеќе причини.
Тој како прва причина ја истакна пререгулацијата.
„Кај нас има регулатива за се што може и не може да ви падне на памет, која најчесто ги опфаќа и малите и старт – ап бизнисите и големите бизниси. Ова резултира со ‘задушлива’ атмосфера за младите претприемачи“, вели Грозданов
Вториот проблем, како што вели, е поврзан со расположливоста на извори за финансирање, потенцирајќи дека во Македонија е особено тешко да се обезбеди поддршка од „бизнис ангели“, а уште е потешко да се дојде до банкарски кредити по пристојна цена.
Грозданов нагласи дека проектите и владините програми се потврда за пазарната неефикасност за поддршка на овие бизниси и последица на лошата бизнис клима.

Како проблем, тој ја посочува и неефикасноста на администрацијата, фрустрирачки долгите административни постапки и процедури, како и отсуството на комуникацијата помеѓу државните институции.
„Понатаму, тука е и правната несигурност. И покрај пререгулацијата, кај нас често ќе се соочите со ситуации во кои двајца различни инспектори или двајца различни судии ќе имаат различно толкување на иста законска одредба. Ова е последица на лошо напишаните закони, како и честите и не осмислени промени во регулативата кои се копираат од странство, без да се размисли за локалниот контекст и капацитетите за нивно спроведување и сл.“, вели Грозданов.
Вели дека како последен, но и можеби и како еден од најголемите проблеми е сивата економија за чие искоренување, државата прави многу малку веќе години наназад. Токму оние кои вршат дејност, вели Грозданов, а се „надвор од системот“, често се нелојални конкуренти на новите старт – ап бизниси.
Посочи дека сето ова на крајот на денот, води кон една прилично неповолна бизнис клима за оние кои сакаат да започнат свој бизнис.
Миле Бошков, Претседател на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, на прашањето на порталот Работник за тоа каква е процедурата за добивање на грант за Самовработување од Агенцијата за вработување и дали сумата од 5,000 евра е доволна за да се започне бизнис, рече дека прво ќе се задржи на тоа што со тие пари, поради обврските кои ги носат законите, подвлекувајќи дека отворањето на сопствен бизнис значи дека треба да се почитува регулативата и дека треба бизнисот да биде регистриран.
Тој истакна дека по основ на регистрација тоа значи еден друг сет на закони кои носат свои обврски, како даночните обврски, социјалните придонеси, нагласувајќи дека треба да има вработено лице, обврски од сферата на безбедност и здравје при работа итн.

„Исполнувањето на овие закони во рамките на инфраструктурата во која ќе се започне тој бизнис, бара многу трошоци и многу економија, кога зборуваме за претприемачи кои патем, започнуваат бизнис“, рече Бошков.
Единствената негова забелешка е сумата којашто се дава како грант, за која смета дека треба да биде поголема, со цел да се гарантира некаква очекувана одржливост, иако според некои правила во претприемништвото, бизнисите стануваат одржливи после третата година, вели Бошков, потенцирајќи дека тоа не значи дека не можат да пропаднат после петта година. Целта е, вели, што е можно повеќе луѓе да се вработат преку отворање на бизнис.
Процедурата за добивање на грантот е нормална и основна вели Бошков, и без неа не може да се започне бизнис. Едноставно, порачува, има законски норми кои го регулираат водењето на бизнис.
Бошков смета дека бизнис климата, од типот на основање на бизнис, од типот на даночни обврски за почетници, па и даночната регулатива нуди можности, меѓутоа зависи од дејноста на која припаѓа бизнисот, бидејќи луѓето се претприемачи во било која дејност.
„Ако се соочат со пречки кои ограничуваат и се оптоварени со пара – фискални трошоци, со документи, лиценци, одобренија итн., поврзани со човечки фактор, тогаш веќе може да се каже дека има поголеми потешкотии и има скриени трошоци“, рече Бошков.
Бошков заклучи со тоа дека најголема конкуренција на бизнис климата во Македонија се корупцијата, неказнивоста и сивата економија.
Препораки до младите кои сакаат да станат претприемачи
Грозданов на младите коишто сакаат да започнат сопствен бизнис им порачува добро да ја проучат релевантната регулатива која се однесува на дејноста, да се консултираат со блиски лица кои имаат искуства во областа на финансиите, правото и даноците (сметководители, адвокати, банкари, лица кои имаат искуства во водење бизнис) и да конципираат јасен и концизен бизнис план за инвестиции и бизнис модел со временска рамка: во што ќе инвестираат, од каде ќе се финансираат, од каде ќе заработуваат пари и каде ќе ги трошат парите.
Вели дека вмрежувањето и планирањето се два најважни предуслови за успех.
Од личните особини, исклучително важни се посветеноста, истрајноста, способноста за учење и флексибилноста да се прилагоди на секоја ситуација и да се одговори на секој предизвик.
Бошков вели дека младите кои сакаат да започнат бизнис треба да ја познаваат законската регулатива, да не импровизираат, бидејќи во бизнисот нема импровизации, потенцирајќи дека кај нас, кога некој ќе се згреши еднаш во бизнисот, многу малку сме отворени да му дадеме втора шанса.
„Има еден документ кој се вика ‘Small Business Act’ или ‘Мал бизнис документ’ кој се осврнува на втората шанса. Луѓето кои згрешиле во бизнисот, ниту се проблематични, ниту криминалци, туку едноставно згрешиле во бизнис идејата. Има многу претприемачи – мотиватори кои впрочем објаснуваат дека за да постигнеме успех, треба да имаме најмалку седум до осум промашувања“, рече Бошков.
Тој истакна дека оние кои сакаат да станат претприемачи треба постојано да се трудат и постојано да бараат помош, совети, можности и упорно да се држат до својата идеја.
Фото: Pexels

