КолумниНовости

Слобода без вреднуван труд – малку потешко!

   Време за читање 2 минути

На еден ден после 1-ви мај (Меѓународниот ден на трудот) е Меѓународниот ден на слободата на медиумите. Овие два празници, според мене, ги врзува едно нешто – трудот. Иако 3-ти мај е во контекст на слободата на медиумите, јас би рекол дека неминовно е во тој склоп да се стави трудот на новинарите и медиумските работници, кој за жал, е потценет.

Новинарите и медиумските работници примаат потпросечни плати, а работат ризична професија која е подложна на секакви закани и напади. Податоците на Здружението на новинари на Македонија покажуваат дека минатата година имало 6 напади врз новинари, еден помалку од 2022 година кога имало 7. Ова покажува колку е само ризична нашата професија. Плус новинарите се етикетирани и од страна на политичари, што може уште повеќе да ги зголеми шансите за напад врз нив.

Да се вратиме на платите. Некои тврдат дека платите се толку колку што се и дека професијата треба да се работи со љубов, но како да се работи со љубов кога фрижидерот е празен, а сметките се неплатени. Ако очекуваат новинарите и медиумските работници да го работат ова од љубов, а да заработуваат од друго место, тогаш многу грешат, освен ако не очекуваат од нив тоа да им биде хоби. Новинарството бара многу посветеност и време. Тоа не е канцелариска работа „од 9 до 17“, туку е професија која нема работно време. Важни настани може да има и во 5 наутро и во 11 навечер и колегите мора да бидат на терен.

Немаме кадар. Насоките по новинарство на факултетите се празни. Никој не е заинтересиран да работи како новинар, и реално, не можеш да го обвинуваш. Очекуваат од него да работи за ситни пари, а да се изложува постојно на ризик. Тоа од младите нека не го очекуваат – ним во голема мера приоритет им се парите и финансиската благосостојба.  

Слободен новинар/медиумски работник значи финансиски обезбеден новинар/медиумски работник кој има пристојни услови за работа и му се почитуваат правата кои произлегуваат од законите и Општиот колективен договор за приватен сектор.

Фото: Freepik

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на редакцијата на порталот Работник

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера