СОНК бара усогласување на колективните договори со минималната плата, во спротивно ќе го радикализира синдикалното делување

Упатување на барање до Министерот за труд и социјална политика и Министерот за образование и наука за усогласување на платите врз основа на минималната плата и колективните договори, упатување на барање до Министерот за култура за потпишување на Анкес колективен договор за конечно решавање на проблемот со админстративните службеници и помошно – техничките лица и да се побара одговор од ресорните министри, дали и од кој месец ќе има реализација на зголемена плата за 7 % во дејностите што ги застапува СОНК. Ова се дел од заклучоците коишто ги донесе Советот на СОНК на својата 1-ва седница. 

Од СОНК на својата веб страна напишаа дека на седницата биле отворени многу теми поврзани со продолжувањето на социјалниот дијалог со социјалните партнери, како и изнаоѓање на заеднички решенија по однос на отворените прашања во сите дејности: детска заштита, основно, средно и високо образование, наука и култура. Главен акцент бил ставен на големото незадоволство заради стагнација на платите во однос на големиот раст на цените за животните трошоци и опаѓање на животниот стандард.

Во Заклучоците, Советот вели дека се надева оти Министрите ќе излезат во пресрет на барањата и дека доколку тоа не го направат, СОНК ќе ги преземе сите синдикални мерки коишто ги има на располагање.