СОНК и МОН на нова преговарачка средба

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука денеска со посредство на помирувач ги продолжуваат преговорите за повисоки плати и за колективните договори во основните и средните училишта во рамки на новиот десетдневен рок за усогласување на отворените прашања. По последната двочасовна средба во четвртокот Синдикатот соопшти дека се разговарало за колективните договори за основно и средно образование и оти двете страни расправаа по прашања кои треба да бидат составен дел на колективните договори.

„Конечното усогласување помеѓу двете страни во врска со ова прашање, како и други прашања поврзани со процентот на зголемување на платите, се очекува да биде постигнато на 13 мај“, се наведува во соопштението. Синдикатот вчера имаше средба и со Министерството за труд и социјална политика на која, како што наведуваат од МТСП, било отворено прашањето за Колективниот договор за предучилишни установи, кој истекува во јуни, како и прашањето за постојното законско решение во делот на исплата на плати.