Останато

Соседните земји напредуваат во подобрувањето на работните услови, а ние се‘ уште не можеме да ги спроведеме законите во пракса

Несомнено, нашите соседи, особено Хрватска, го унапредува своето трудово законодавство. Најнова вест е дека на работодавачите и колегите ќе им биде забрането да ги бараат соработниците после работното време или за време на одмор, освен во одредени исклучоци.

Ова е навистина еден чекор напред кон приближување на европските вредности за кои се залага и самата Европска унија.

Но, за разлика од Хрватска која е исто така држава од Западен Балкан, ние сѐ уште се бавиме со работи кои досега требаше да бидат решени. Синдикатите и граѓанските организации од областа на работните односи, сѐ уште се обидуваат да докажат кои права им следуваат на работниците согласно законските прописи – нешто што требаше досега да биде завршена работа.

Ние во Македонија сме научени да велиме дека законите се добри на хартија, но не се спроведуваат во пракса и никако не можеме  тоа да го промениме. Па што по ѓаволите треба да се направи за да се знае дека законите се создадени за да се имплементираат во пракса? Навистина не знам.

Земајќи го во предвид тоа што не успеваме да ги имплементираме досегашните законски прописи, јас не гледам дека наскоро ќе можеме да воведеме една ваква новост, како што воведе Хрватска. И да ја воведеме, тешко кој ќе ги почитува тие законски одредби. Можеби само оние компании кои сериозно го земаат во предвид односот со своите вработени.

Да не зборуваме за скратена работна недела или пак некои други иницијативи во насока на намалување на работното време. Светлосни години сме далеку од сето тоа. Зошто? Бидејќи сѐ уште „било рано да се воведуваат такви модели кај нас“, а никој не се одважува ниту да направи еден експеримент, па да види какви ќе бидат резултатите. Можеби ќе испадне дека овие модели се навистина добри.

Истражувањата на реномирани истражувачки центри покажуваат дека воведувањето на некој облик на скратено работно време, може да ја зголеми продуктивноста, поради тоа што вработените се пет часа продуктивни во текот на работниот ден.

Времето ќе покаже каква ќе биде ситуацијата во македонскиот свет на работата, но едно е сигурно – ако се продолжи на овој начин – да не се презема ништо и да не се унапредуваат работните процеси, ќе продолжиме масовно да губиме квалификувана работна сила, којашто е навистина во мали бројки, но за среќа се‘ уште ја има.

Зголемувањето на платите е една од алатките за задржување на работниците, но не е единствената. Во денешно време, голем број на компании низ светот, па вклучително и во Македонија, прават т.н. RETENTION стратегии или стратегии за задржување на работниците. Тие вклучуваат: повеќе денови за годишен одмор, поголемо вклучување на вработените во носењето на важни одлуки околу компанијата, спроведување на интервјуа за задржување (каде што работодавачот, било да е тој лично или преку менаџерот за човечки ресурси, разговара со работниците со цел да дознае дали имаат некаков проблем и што може да се подобри во работниот процес), како и ред други алатки кои ги имаат на располагање.

Треба еднаш да се сфати дека живееме во ера, каде на новите генерации им е многу важно да знаат што остваруваат преку работата и за каква цел работат.