ЕкономијаМакедонија

Министерот за трговија на Казахстан Арман Шакалиев во официјална посета на ТИРЗ

Висока делегација од Казахстан, предводена од министерот за трговија и интеграција Арман Шакалиев, денеска оствари официјална посета на Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) во Скопје, при што беше посетена и фабриката на „Џонсон Мети“.

Во рамки на посетата, казахстанската делегација оствари работна средба со директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски. На средбата се разговарало за можностите за интензивирање на економската соработка, привлекување нови инвестиции и понатамошно унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.

Директорот Димовски ја оцени посетата како значаен чекор кон продлабочување на економските врски меѓу Република Македонија и Казахстан, истакнувајќи дека таа претставува континуитет на соработката воспоставена во јуни минатата година.

„Дирекцијата за ТИРЗ и натаму останува целосно посветена на поддршка на инвеститорите и на создавање услови за одржлив економски раст преку привлекување на инвестиции со висока додадена вредност“, рече Димовски.

Министерот Арман Шакалиев изрази задоволство од можностите што ги нуди нашата земја и нагласи дека Казахстан гледа сериозен потенцијал за зајакнување на економската соработка со Република Македонија.