Дали денес е невоспитано да го прашате колегата колкава му е платата? Генерицијата З го руши стариот бонтон
До неодамна, прашањето за заработката беше резервирано само за најблиските пријатели или брачниот партнер. Меѓутоа, времињата се менуваат. Додека на постарите генерации им е непријатно дури и да помислат на таа тема, помладите вработени сè почесто ги „ставаат картите на маса“.
Според истражувањата од 2025 година, дури 39% од припадниците на генерацијата З отворено разговараат за платите со колегите, додека тој процент кај генерацијата Х е едвај 22%. За младите, тајноста околу платата не е прашање на дискреција, туку пречка кон фер заработка.
Сепак, како да прашате, а како да одговорите, без да ги нарушите професионалните односи? Експертите за деловен бонтон ги предлагаат следниве правила:
Како да прашате: Внимавајте на мотивот
Ако прашувате само од чиста љубопитност, бонтонот е јасен – тоа е неумесно. Меѓутоа, ако планирате преговори за сопствено покачување, прашањето добива легитимитет.
- Користете „ограда“: Започнете со: „Слободно кажи ми ако ова ја преминува границата, но се обидувам да ги истражам пазарните опсези за нашата позиција…“
- Барајте опсег, а не точна цифра: Наместо директно прашање, прашајте го колегата дали неговата заработка е во одреден „рамка“ (на пр. помеѓу X и Y евра). Тоа остава простор за приватност.
- Споделете го прво вашето искуство: Понудете информација за вашето покачување или бонус и прашајте го колегата дали сте „во ист ранг“. Тоа создава атмосфера на доверба, а не на испрашување.
Како да одговорите: Поставете граници
Сосема е во ред да ви биде непријатно. Споделувањето информации за платата со колегите носи ризик таа информација да заврши кај шефот во незгоден момент на преговори.
- Бидете директни за непријатноста: Сосема е легитимно да кажете: „Не ми е пријатно да зборувам за личните финансии, тоа е тема која ја избегнувам.“
- Бидете неодредени: Ако сепак сакате да му помогнете на колегата, не го кажувајте точниот износ од платниот список. Кажете: „Опсегот за оваа позиција, во зависност од искуството, се движи од… до…“.
Зошто транспарентноста стана тренд?
Експертите сметаат дека помладите вработени веруваат во транспарентност бидејќи сметаат дека тајните само им помагаат на работодавците да ги задржат пониските плати. Кога сите знаат кој колку заработува, полесно е да се воочат нееднаквостите и да се побара она што се заслужува.
Без разлика дали го поддржувате овој тренд или не, едно е сигурно – разговорот за парите повеќе не е прашање на „дали“, туку на „како“.
Извор: BIZLife / К. Ј.

