- Advertisement -
КолумниНовости

Со ваквиот стандард, евентуалното влегување во ЕУ би предизвикало заминување на младите по „брза постапка“

Продуктивноста на работниците - Работник
528views

Многу пати сум се запрашал што македонските политичари очекуваат дека ќе се случи откако Македонија конечно ќе стане дел од семејството на Европската унија. Можеби мислат дека тогаш Брисел со магично стапче ќе го унапреди стандардот на граѓаните и работниците. Можеби мислат дека ќе ни дадат ковчези со богатство, па така ќе се збогатиме. Навистина не знам што точно очекуваат тие, но можам да кажам што јас мислам, а чинам дека и многу други луѓе во државава го знаат тоа.

Она што, според мене, ќе се случи е  – масовна миграција. Доколку не се подобри стандардот на луѓето во постковид периодот, а под тоа мислам да се зголемат платите, за да можат да ја задоволат минималната потрошувачка кошница којашто во ноември месец изнесувала 33,742,1 денар, додека просечната плата изнесувала 27,405 денари. Кога велам да ја задоволат, мислам на тоа граѓаните да имаат доволно пари за да живеат достојно, а не да преживуваат. Да можат да си дозволат да се рекреираат и да одат на одмор. Народски кажано, да го проживеат животот. Со тоа автоматски ќе е намали незадоволството, а и стресот. Потребно е и Владата да се стреми кон тоа поголемиот дел од граѓаните да земаат просечна плата, а не минимална, затоа што одиме во тој правец да станеме држава на луѓе со минимални плати. Не сум економист, но знам дека со минимална плата не може да се зголеми стандардот.

Владата на почетокот на мандатот вети дека до 2024 година, кога и завршува нејзиниот мандат, ќе ја намали невработеноста на едноцифрен број – цел којашто лично според мене е тешко остварлива, но јас сум оптимист и секогаш се надевам на најдоброто. Економските експерти велат дека бројот на невработени пријавени во Агенцијата за вработување се намалува, но не поради тоа што тие се вработени, туку бидејќи се префрлиле во групата на неактивно население. Од друга страна пред да започне корона кризата имаше голем број на луѓе, особено млади коишто се иселија од државата, па и на тој начин може да се каже дека се „намалила“ невработеноста, иако иселувањето на младите е најголем неуспех на било која држава, а мора да се признае дека Македонија не е единствената земја од Западен Балкан од која се иселуваат младите. Впрочем, тоа мене многу ме плаши. Со оглед на тоа дека голем број на работниците добија откази во ек на корона кризата, сметам дека тоа дополнително ќе ги мотивира да заминат од државата и својата среќа да си ја побараат некаде далеку. Тука и би сакал да се надоврзам на поентата на ова писание – доколку не се подобри стандардот, а во меѓувреме влеземе во Европската унија, макар тоа било и за десет години, не очекува голем одлив на луѓе од државата. Мислам дека веднаш штом ќе влеземе во ЕУ, луѓето ќе побрзаат да извадат биометриски пасоши за да заминат на печалба во Германија, Шведска, Норвешка…

Ова е мојот најголем страв, за кој се надевам дека нема да биде вистина. Можеби некои од луѓето што ќе го прочитаат ова ќе помислат дека јас сакам да заминат луѓето оттука, но напротив, јас сакам да останат тука и да имаат нормален (просечен) живот во својата татковина. Многу пати сум се запрашал дали вреди да се биде патриот и да се бори за ова мало парче земја, но она што често пати ми доаѓа како одговор е контра – прашањето: Дали патриотизмот и желбата да се бориш за подобра Македонија ќе ти даде парче леб? Мислам дека сите треба да одговориме на ова прашање. Ова важи особено за оние кои имаат семејства и кои секојдневно се мислат како ќе го протуркаат следниот ден. За да не се случи тоа, односно за да нема голем одлив на луѓе, Владата, без разлика на тоа која и политичка партија и да е на власт, треба да го унапреди стандардот за да луѓето да останат да живеат во оваа прекрасна земја. Како што во своја родна земја можеш да живееш, никаде не можеш.  

Бобан Илијевски

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник