МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Средба СОНК – МОН: Анализа на стретешки документи за квалитетно започнување на учебната година

Средба СОНК - МОН - Работник
103views

Денес, во просториите на најголемиот синдикат во јавниот сектор – СОНК, под строги мерки на претпазливост и заштита од вирусот Ковид-19, се одржа online работна средба помеѓу членовите на Советот на СОНК и високи претставници од Министерството за образование и наука односно раководители на сектор за основно и средно образование и претставник од кабинетот на министерот, стои во објавата на веб страната на СОНК. 

„На работната средба се анализираа стратешките документи кои се од важно значење за безбедно и квалитетно отпочнување на воспитно-образовниот процес, односно отпочнување на новата учебна година во услови на пандемија од Ковид-19“, велат од СОНК. 

Истакнаа дека претставниците на МОН детално ги презентираа документите: План за одржување на наставата во основните и средните училишта во учебната 2020/2021 година, Протокол за постапување на основните училишта во Република Северна Македонија за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година и Алгоритам за постапување во училиштата во случај на појава на ученик со симптоми, сомнителен/позитивен на Ковид-19.

Од страна на СОНК биле поставени бројни прашања кои се од сферата на здравјето и безбедноста на работното место, почитување на законските одредби во однос на бројот на часови по наставник при поделба на една паралелка во две групи, изведување на online настава, техничка подготвеност на училиштата за изведување на online настава и т.н.

„Советот на СОНК доби уверување од претставниците на МОН дека образовниот процес ќе се одвива во рамките на актуелните закони и веќе утврдените претходно споменати акти. Важно е да се спомене дека МОН има отворена врата за соработка со СОНК и дека за сите конструктивни предлози од СОНК, коишто ќе бидат доставени до МОН, ќе се посвети големо внимание и ќе се земат истите во предвид“, велат од СОНК. 

Од таа причина, апелираат до сите членови на СОНК и воопшто до сите вработени во основно и средно образование, своите прашања и предлози да ги достават до претседателот на својата Синдикална организација или до Регионалниот одбор на СОНК, на која што припаѓа. Секако, предлози и прашања можат да постават и директно на фб страната на СОНК, на ѕид или во порака.