МакедонијаСветот на работникотСиндикат

ССНМ: Да не се дозволува намалување на платите на новинарите

   Време за читање 4 минути

По вчерашната објава дека наш колега е заразен со новиот коронавирус, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници уште еднаш апелира до сопствениците на медиуми да ги почитуваат мерките на Министерството за здравство за заштита на вработените на работното место . Бараме редовно дезинфицирање на работните простории во медиумите и да се обезбеди соодветна заштита на сите вработени, а особено на медиумските работници кои известуваат од критични места како што се болници, медицински установи и слично .

Истовремено, на нашиот колега Гоце Михајлоски му посакуваме побрзо оздравување и враќање на работа, а на неговите колеги кои беа упатени на самоизолација да ги почитуваат препораките на здравствените власти и да го издржат периодот на неизвесност кој е пред нив .

Со овој пример уште еднаш се покажа дека по лекарите, припадниците на МВР и на Армијата, пожарникарите, вработените во услужните дејности, новинарите се една од најранливите и најизложените професии во услови на пандемијата на КОВИД-19 . Затоа ги повикуваме сопствениците на медиуми, но и самите медиумски професионалци да се прилагодат на новата ситуација и беспоговорно да ги преземаат сите препораки и мерки за заштита на работното место . Притоа апелираме сите медиуми кои досега не го прилагодиле и организирале работењето кон новонастанатата ситуација со КОВИД-19 тоа веднаш да го направат, бидејќи здравјето на луѓето и нивните животи се на прво место, бидејќи со непостапување се доведува во ризик и функционирањето на медиумите, а со тоа и информирањето на граѓаните .

ССНМ смета дека во вакви услови на работење со висок ризик за медиумските работници најавите на некои медиуми дека ќе ги намалат платите е недозволиво и неприфатливо . Ризикот кој го носат редакциите за непречено функционирање на медиумите и непречено информирање на јавноста не смее да биде казнето со намалување на платите, туку со наградување каде што тоа е возможно .

Ги охрабруваме и колегите да пријават до Министерството за здравство доколку не се почитуваат мерките за заштита во нивниот медиум .

Потсетуваме дека борбата против оваа пандемија е невозможна без правилно, навремено и професионално известување и информирање на граѓаните, што значи дека медиумите, односно новинарите и медиумските работници се една од клучните алки во системот и затоа овозможувањето на услови за нивна непречена и безбедна работа се од огромно значење за општеството .

Потсетуваме на клучните препораки и совети за заштита на медиумските професионалци објавени од Меѓународната федерација на новинари:

  • Сопствениците на медиуми треба да гледаат на епидемијата како на здравствена и безбедносна криза и да ги исполнат своите обврски за грижа спрема нивните вработени;
  • Новинарите и другите медиумиски работници како и нивните организации треба постојано да ги следат препораките и советите на Светската здравствена организација за заштита од коронавирусот, а кои се достапни на следниов линк: https://www.who.int/emergencies/diseases/novel-coronavirus-2019/advice-for-public
  • Во врска со ова, сериозно треба да се земе предвид можноста за работа од дома за да се намали можноста за заразување на работното место;
  • Новинарите и другите медиумски работници треба да ги бараат своите права на работа во здрави услови и да не одат на работното место кога таму има ризик за заразување со коронавирусот;
  • Опремата и канцелариите треба постојано да се чистат, особено кога се споделуваат помеѓу вработените;
  • Новинарите и медиумските работници кои контактираат со луѓе кои страдаат од болеста се советуваат на огромна претпазливост бидејќи со тоа е зголемен ризикот од заразување. Пример за ова е посета на медицински установи;
  • Се препорачува програмите во студио да преферираат телефонски или видео интервјуа наместо лично присуство на гостите со цел да се ограничи можноста за контакт. За интервјуата на отворено, пак, новинарите треба да користат продолжеток за нивните микрофони за да се придржуваат до препораките за дистанца и за да се заштитат од заразување.