Јаневска: Нема да има отпуштања на наставници и покрај оптимизацијата на училишната мрежа
Реформите во образовниот систем ќе продолжат без загрозување на работните места на наставниот кадар, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска, презентирајќи ги резултатите од двегодишната работа на Министерството за образование и наука.
На прес-конференција во Владата, Јаневска истакна дека процесот на оптимизација на училишната мрежа, кој предизвикува реакции во јавноста, нема да резултира со отпуштање на наставници, иако во последните седум години бројот на ученици е намален за околу 17 илјади, објави 4news.mk
Според министерката, оптимизацијата и воведувањето едносменска настава се меѓу клучните приоритети во образованието. Таа информираше дека повеќе од 200 училишта веќе работат во една смена, што претставува значаен чекор кон подобрување на условите за учениците и наставниците.
Осврнувајќи се на состојбата што ја затекнала при преземањето на функцијата, Јаневска рече дека образовниот систем се соочувал со сериозни предизвици, но дека во изминатиот период фокусот бил ставен на подигнување на квалитетот на образованието и научноистражувачката дејност.
Министерката најави дека и оваа година учениците ќе ги добијат учебниците навреме, односно на 1 септември, вклучително и учебниците по странски јазици. Таа посочи и дека значително е зајакната поддршката за учениците со посебни образовни потреби, со ангажирани 1.350 образовни асистенти во основното образование и уште 150 во средните училишта.
Во делот на високото образование и студентскиот стандард, Јаневска нагласи дека се проширени можностите за добивање стипендии и субвенции, како и дека се воведени нови категории финансиска поддршка за студенти со ретки болести и посебни образовни потреби.
Таа информираше и за значајни инвестиции во образовната инфраструктура, при што во текот на изминатите две години биле вложени околу 70 милиони евра во повеќе од 90 проекти. Меѓу нив се изградба и реконструкција на училишта, спортски сали, студентски домови, како и продолжување на проектите за нови факултетски објекти.
Според министерката, процесот на дигитализација исто така бележи напредок. Во 160 училишта е поставена нова информатичка опрема и обезбеден е безбеден интернет-пристап, а повеќе од 1.000 наставници поминале обуки за користење на вештачка интелигенција во наставата.
Јаневска потсети и дека платите во образованието се зголемени за повеќе од 20 проценти во првите две години од мандатот, додавајќи дека со договорот со СОНК е предвиден нивен понатамошен раст и во наредните години.

