ЕкономијаСвет

Профитот на Фолксваген потонал 30 %, подготвуваат нови масовни отпуштања и кратења од 11 милијарди евра

Фолксваген ги објавил резултатите кои покажуваат дека најголемиот произведувач на автомобили се соочува со сериозни предизвици. Компанијата во првата половина од 2026 година забележала пад на нето профитот од повеќе од 30 %, додека истовремено ја намалила прогнозата за работењето за цела година и најавила дека сега очекува пад на приходите за околу 3 %, наместо претходно прогнозираниот благ раст.

Приходите на комапнијата во првите шест месеци достигнале 158,1 милијарди евра, додека оперативната добивка паднала за речиси 12 %, на 5,93 милијарди евра. Особено е загрижувачки вториот квартал, во кој нето добивката паднала на дури 32,2 %, од 2,29 милијарди на севкупно 1,54 милијарди евра.

Маржата на најниско ниво од пандемијата

Оперативната маржа се лизнала на 3,8 %, што е најниско ниво уште од пандемиската 2020 година. И покрај тоа, управата и понатаму верува дека до крајот на годината ќе успее да ја оствари целната маржа помеѓу 4 и 5,5 %.

Падот се гледа и во продажбата. Во текот на второто тромесечје испораките на возила се намалени за речиси 9 %, на 2,08 милиони автомобили. Особено тежок удар компанијата претрпела во Кина, својот најважен поединечен пазар, каде продажбата потонала за повеќе од третина, на 424.300 возила.

Кина, американските царини и војната го притиснале работењето

Од управата на Фолксваген наведуваат дека на деловните резултати негативно влијаеле агресивната ценовна војна на кинескиот пазар, американските царини, геополитичките тензии, војните, се’ посилната конкуренција, но и еднократните трошоци од околу 900 милиони евра.

Генералниот директор Оливер Блум оценил дека реструктурирањето на компанијата веќе дава одредени резултати, но истакнал дека ќе биде неопходно дополнително намалување на трошоците за Фолксваген да ја врати профитабилноста.

Финансискиот директор Арно Антлиц бил уште подиректен, оценувајќи дека профитабилноста и понатаму е на „неприфатливо ниско ниво“ и дека новите финански резултати претставуваат сериозно предупредување дека се потребни одлучни мерки.

Подготвуваат нови кратења и десетици илјади откази

Во рамките на новиот план за штедење, Фолксваген има намера до крајот на деценијата да ги намали општите трошоци за дополнителни 11 милијарди евра. Тоа подразбира укинување на околу 50.000 работни места, во главно во административните и индиректните сектори.

Овие мерки би претставувале додаток на веќе постоечката програма според која компанијата до 2030 година планира да укине 50.000 работни места во Германија, од кои дури 35.000 во рамките на матичниот бренд Фолксваген.

Најавените кратења веќе предизвикале силен отпор од страна на синдикатите, работничкиот совет и покраината Долна Саксонија, која со 20 % сопственост има значајно влијание на одлуките на надзорниот одбор на компанијата.

Извор: Telegraf Biznis