СветСветот на работникот

Фолксваген бара драстични отстапки од работниците: Замрзнување на платите, укинување бонуси и пофлексибилно работно време

Германскиот автомобилски гигант Фолксваген бара сериозни отстапки од синдикатите во рамките на новите преговори за платите, со цел да ги намали трошоците и да се справи со длабоката криза во која се наоѓа компанијата.

Фолксваген пред новата рунда преговори со синдикатот ИГ Метал (IG Metall) предлага мерки кои до неодамна се сметаа за незамисливи. Компанијата бара откажување од 35-часовната работна недела, замрзнување на платите до 2028 година и укинување на дел од придобивките за вработените.

Меѓу барањата на управата е и целосно укинување на месечниот додаток од 167 евра, како и значително намалување на другите бонуси. Компанијата во својата листа на барања наведува дека главен приоритет во преговорите мора да биде „значително намалување на трошоците за труд“.

Дополнително, Фолксваген бара воведување пофлексибилно работно време, кое би се приспособувало на обемот на работата. Според предложениот модел, работниците кои работат повеќе часови не би добивале прекувремена работа, додека оние кои работат помалку би имале и пониски плати.

„Општите услови значително се влошија. Затоа мора да ги забрзаме напорите, како во реструктурирањето на компанијата, така и во приспособувањето на структурата на трошоците“, изјави Керстин Шолц, која заедно со Франк Иршнер го предводи преговарачкиот тим на Фолксваген.

Синдикатот ги нарече барањата „каталог на ужасите“

Синдикатот ИГ Метал остро реагираше на барањата на управата, оценувајќи ги како неприфатливи.

„Управата на Фолксваген им забива нож во грб на своите вработени“, изјави главниот синдикален преговарач Торстен Грегер.

Тој предупреди дека компанијата се подготвува за долг и исцрпувачки конфликт.

„Ова нема да биде бура во чаша вода која ќе се смири до крајот на годината. Ќе биде тежок, горчлив и исцрпувачки конфликт кој ќе остави длабоки лузни“, предупреди Грегер.

Според него, во прашање е и опстанокот на моделот на работничко учество во одлучувањето во Фолксваген, а не само исходот од колективните преговори.

Претседателката на работничкиот совет, Даниела Кавало, изјави дека работниците го исполниле својот дел од компромисот постигнат во декември 2024 година, но сега се чувствуваат изневерени. Таа посочи дека довербата во управата е нарушена, бидејќи не се исполнуваат ветувањата поврзани со идните производи и развојот на компанијата.

Како пример го посочи производствениот концепт „Пресвртница“, кој бил дел од договорот од 2024 година, но од кој Фолксваген неодамна се откажал.

Компанијата се соочува со милијардски загуби

Фолксваген во третото тримесечје забележал загуба од 5,9 милијарди евра, што е најголем негативен финансиски резултат од кризата поврзана со дизел-скандалот пред повеќе од една деценија.

Компанијата се соочува со пад на продажбата и деловните активности во Кина, американските царини воведени од претседателот Доналд Трамп, како и со предизвиците поврзани со преминот кон електрични автомобили, чии маржи се значително пониски во споредба со возилата со мотори на внатрешно согорување.

Извршниот директор Оливер Блуме започна програма за штедење, во рамките на која во светот би можеле да бидат укинати десетици илјади работни места. Неизвесна е и долгорочната иднина на четири фабрики во Германија.

Се најавуваат штрајкови

ИГ Метал бара зголемување на платите од пет проценти, исто како и во пошироките преговори за металната и електроиндустријата.

Преговорите во моментов се во застој, поради што од петок се најавени целодневни предупредувачки штрајкови, првпат по осум години.

Штрајковите би требало да ги опфатат и фабриките на БМВ, Ауди и Порше.

Извор: Telegraf Biznis