МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

ССНМ: Осуда за нападите врз новинарката Бурнс, крајно време е нападите врз новинарите да се третираат по службена должност

136views

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро ги осудува онлајн нападите и заканите по безбедноста на колешката Мирослава Бурнс .

Бурнс, вчера пријавила до ССНМ низа онлајн напади преку социјалната мрежа Фејсбук, кои се закана по нејзината безбедност, а следувале по нејзиното објавување на текст за организирање свадба во ресторан во Тетово, што е спротивно за законската регулатива која се однесува на борбата против епидемијата со Ковид-19 .

Напоменуваат дека објавувањето на вакви престапи со кои се загрозува јавното здравје е од јавен интерес и новинарите и медиумските работници не смеат да бидат цел на какви било напади и закани поради својата работа .

Истовремено, ја поздравуваат брзата реакција на полицијата да преземе дејствија за заштита на новинарката на Слободен печат, која по пријавувањето на заканите во полиција добила 24 часовна заштита .

Од ССНМ подвлекуваат дека овој случај е типична потврда дека нападите врз новинарите и медиумските работници треба да бидат третирани како напад врз службено лице, односно институциите да бидат обврзани по службена должност да преземаат мерки и дејствија. ССНМ во партнерство со ЗНМ веќе неколку години ја застапува иницијативата за промена на Кривичниот закон според кој нападите врз новинарите ќе бидат третирани како напад врз службено лице .

Очекуваат дека по овој случај, и по низата други кои само оваа година ги регистрираше ССНМ, итно да се пристапи кон овие законски измени .

“Крајно време е да се заштити новинарската професија како една од клучните професии за штитење на јавниот интерес”, велат од ССНМ.

Порачаа дека се надеваат дека на новите Собрание и влада, ваквите законски измени ќе им бидат приоритетни по нивното формирање .