ССНМ: Судот да не го прифати барањето на д-р Митрев за забрана на истражувањето на ИРЛ

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), јавно инсистира Судот да не го прифати барањето на доктор Жан Митрев за примена на вонредни судски мерки, односно за повлекување на истражувањето на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) со наслов „Нечиста крв“. Во спротивно ИРЛ директно, но и целата медиумска индустрија посредно ќе бидат изложени на брутална цензура.

За жал се покажа дека опасноста на која ССНМ укажуваше уште пред десет години при носењето на Законот за клевета и навреда – преку членот 23 да се забрануваат и отповикуваат новинарски стории, била реална.

Имено тој член, како што укажувавме и во 2012, овозможува секој што ќе поднесе тужба за клевета и навреда да може да побара од судијата вонредни мерки за запирање на објавувањето на она што тужителот го оценува како клеветничка содржина, нивно отповикување доколку се објавени се до исходот на тужбата.

Иако станува збор за член што се применува во развиени демократии, ССНМ и тогаш и сега укажува на опасноста од негова злоупотреба. Сметаме дека е крајно опасно за демократијата и за слободата на говорот и на медиумите да стане пракса забраната за емитување или повлекување на веќе објавени содржини, односно за новинарски истражувања кои несомнено се од јавен интерес.

ССНМ воедно ги повикува колегите и редакциите да ја препознаат заедничката опасност, да се солидаризираат со колегите од ИРЛ и превентивно да реагираат за да се одбегне каква и да е можност за примена на членот 23 сега и во иднина.