НовостиПравда

Томшиќ: На час учениците ќе користат тетратки и моливи, дигиталните образовни содржини се дополнителен ресурс

   Време за читање 3 минути

Кога ќе се врати наставата во училишните клупи, таа ќе се одвива како и досега, со тоа што ќе се зголеми интеракцијата меѓу наставникот и ученикот. Во училница, ќе продолжи да се работи со тетратка и молив и преку интеракција помеѓу наставник-ученик. За прво и четврто одделение се изготвени нови наставни програми, врз основа на новата Концепција. Учебниците и наставните материјали кои се изготвуваат врз основа на новите програми, се со поинклузивни содржини, недискриминирачки, ќе учат за човековите права, објасни Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука за време на гостувањето во утринската програма на Националниот сервис (НРТ).

„Првооделенците ќе имаат нови учебници, изготвени по нова наставна програма. Тие ќе бидат печатени, во хартиена форма. Печатените материјали во целото образование, не се укинуваат. Дигитализираниот учебник е само средство коешто ќе им помогне на наставникот и на ученикот полесно да ја совладуваат содржината. Дигитални образовни содржини се воведуваат само во четврто одделение. Но, за оние деца што сакаат или им треба, ќе има наставни содржини во хартиена форма. Министерството за образование и наука обезбедува финансиски средства за да може секое училиште да го испечати учебникот во стандардизирана форма“, рече Томшиќ.

Дигиталните учебници се мултимедијални, ученикот во домот ќе може да ги отвори и преку видео и аудио содржините, анимациите и забавните содржини, ќе може полесно да го запамти она што наставникот го предавал на часот. Дигиталните уреди нема да се користат на часот. Таблата во училница не се заменува со компјутер. Томшиќ појасни дека со континуирано инвестирање во дигитализација, предизвици со кои сега се соочуваме ќе бидат совладани.

„Никогаш не може да бидете комплетно подготвени за да влезете во процес на промена. И во ЕУ има акциски план за дигитализација во образование 2021-2027, каде една од главните стратешки цели е достапен интернет и ИТ опрема во сите училишта. Кај нас, најголем дел од средствата од Светска банка ќе бидат спуштени до училиштата согласно нивните потреби, за да може во наредните пет години да ја подобри инфраструктурата, да вложуваат во опрема, во дигитални табли и пристапност, во подобрување на средината за учење“, посочи Томшиќ, додавајќи дека општините во соработка со општествено одговорните компании купуваат дигитални уреди и вложуваат во инфраструктурата на нивните училишта. Дополнителни средства се слеваат и преку поголемите блок-дотации од Буџетот кои се префрлуваат до општините.

Укажувајќи дека не можеме да бидеме единствена земја која ги негира современите трендови и дигитализацијата, Томшиќ рече дека ако сега не го фатиме чекорот, само ќе уназадуваме во резултатите од учење што ги покажуваат нашите ученици на меѓународните тестирања. Нашите 15 годишници заостануваат 4 години зад своите врсници во регионот. Тоа покажува дека фактографското учење кое се базира само на учебник, не дава резултати како учењето со разбирање.