Останато

Томшиќ од МОН: Со грантови за училиштата ги поттикнуваме мултикултурализмот и почитување на различностите

Децата од најмала возраст треба да учат дека различностите се вредност за државата. Училиштето треба да ги подготви учениците за прифаќање на различности, да ги учи на мултикултурализам и интеркултурализам. Министерството за образование и наука, преку грантови за основните и јавните средни училишта, го поттикнува унапредувањето на меѓуетничката интеракција меѓу учениците, рече советникот во Министерството Душан Томшиќ, во утринската програма на Канал 5 телевизија. 

 „Целта на овие грантови е да се поттикне интеракцијата на учениците коишто говорат на различен јазик и се од различно етничко потекло, да се поттикне мултиетничноста и доближувањето на етникумите во рамките на самите училишта и со тоа да се подигне меѓуетничката кохезија во државата. Со нив се поттикнуваат активности кои им помагаат на учениците подобро да се запознаат меѓу себе, да создаваат нови пријателства и да разменуваат искуствата. Овие грантови се една алка во градење на соживот“, нагласи Томшиќ.  

 Грантовите се во висина до 30.000,00 денари и ќе бидат доделени на вкупно  95 училиштата, од кои 70 основни и 25 средни училишта. Активностите кои ќе бидат поддржани со грант, може да се реализираат самостојно во училишта во кое наставата се одржува на повеќе наставни јазици, или во партнерство со друго училиште.

Томшиќ објасни дека поддршката на унапредувањето на интеракцијата меѓу учениците е воведена од учебната 2016/2017, со измените на регулативата за основно и средно образование, и досега се доделени 384 грантови за основните учлишта и 125 грантови за средните училишта. Со грантовите може да се финансира, на пример, организирање на изложба, правење претстава, посета на спортски или културен настан, или друга заедничка активност што придонесуваат за подобрување на меѓуетничката интеграција и инклузијата во образованието. 

„Она што треба да остане по реализацијата на проектите е пријателството, зголемената комуникација меѓу учениците, рече Томшиќ. 

Аплицирањето на јавниот повик за доделување на грантови за основните и јавните средни училишта трае до 03.12.2021 година.