Треновски: Инфлацијата расте во сите земји, повисока е во отворените и увозно зависни економии

Високата стапка на инфлација која во октомври, според официјалните статистички податоци достигна 19,8 проценти, според професорот на Економскиот факултет во Скопје Борче Треновски, во значаен дел е резултат на увозната зависност на нашата економија, скромниот капацитет за домашно производство на храна и енергија и структурата на потрошувачката (53 проценти за храна и енергија).

Во изјава за МИА, Треновски оценува дека економските политики, ако се навремени и добро насочени, можат на краток рок да влијаат на ублажување на цените, меѓутоа за позначајни промени, како што вели, ќе треба да се работи на среден рок.

– Она што го научивме од ова глобална и домашна економска/енергетска криза е дека нема земја отпорна на глобални кризи, посебно ранливи се малите и отворени економии и навремено треба да се инвестира во градење на одржлив и отпорен економски систем. Во моментот е евидентно дека пониските стапки на инфлација во голем дел од економиите се поврзани со нивната структура на економијата, сопственото производство на електрична енергија/храна и можноста овие економии на овој начин да го намалат глобалниот ценовен притисок во последната година. Оваа не е лесна работа и е наша ненапишана домашна задача која се пишува и брише последните две децении, нагласува Треновски.

Континуираното намалување на увозната зависност, енергетската независност, диверзификацијата на извозот, развојот на земјоделието, производството на храна и инвестирањето во човечкиот капитал, според Треновски, ќе овозможат подготвени да ги пресретнеме тековните и идните економски нарушувања.

– Оваа не е лесна работа, меѓутоа се надевам нема да губиме време и да нема да треба повторно да ја учиме иста лекција во иднина, вели Треновски за МИА.

Прашан како да се ублажи инфлацијата и како да се намали нашата ранливост на надворешни и интерни шокови, Треновски со став дека важни се и фискалната и монетарната политика.

Централната банка, вели Треновски, уште од минатата година започна да презема повеќе мерки, преку зголемување на основната каматна стапка, која сега изнесува 3,5 проценти, промени во задолжителната резерва за стимулирање на штедењето во денари и поттикнување на зеленото кредитирање, како и каматните стапки за задолжување преку ноќ на седум дена.

– Меѓутоа, особено е значајно да се следат монетарните движења, стабилноста на финансискиот сектор, пазарот на недвижности, однесувањето на фискалната политика и одлучно да се делува. Народната банка е потребно блиску да ги следи инфлаторните очекувања, како и политиката на Европската централна банка поради поврзаноста на курсот на денарот за еврото. Потребно е да се делува од повеќе аспекти и преку повеќе инструменти –  основната каматна стапка не е единствениот инструмент. Замислете да се зголеми енормно каматната стапка во услови кога околу 70 проценти од кредитите се со варијабилна камата, кога имате намалување на ликвидноста, кога инфлацијата доминантно доаѓа од цените на основните производи. Дали со таа каматна стапка ќе ја намалиме побарувачката за леб и за месо или ќе намалиме некој друг дел на побарувачката, нагласува Треновски.

Од друга страна, според Треновски, Владата треба целиот фокус да го насочи кон намалување на неизвесноста за своите чекори, поефикасно собирање на фискалните приходи и таргетирана поддршка за бизнисите и граѓаните.

– Потребно е да се фокусира на добро информирање и отчетно/ефикасно спроведување на најавените мерки, посебно водејќи сметка за дисциплината/манипулациите на пазарите.  Значајното одврзување на фискалното ќесе без да се води сметка за ефектите врз ценовните движења, може да има ефект како да додавате нафта во оган, а нафтата не е евтина во моментот и може да го разгори огнот уште повеќе. Оттука значајноста и одговорноста на фискалната политика е огромна, смета Треновски.

Државниот завод за статистика објави дека трошоците на животот во октомври  во однос на октомври лани бележат зголемување од 19,8 проценти, а цените на мало од 15,4 проценти.

Од Сојузот на синдикати на Македонија, кои секој месец изработуваат синдикална потрошувачка кошничка, велат дека една просечна и една минимална плата одамна не се доволни за да се задоволат минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство. Оттаму за денеска најавуваат седница на Претседателството на ССМ на која ќе бидат разгледани сите можни облици и притисоци што ќе ги преземат.