Трудово право: Законската забрана за отказ поради бременост, раѓање и родителство

Рубрика трудово и социјално право
Тема: Законската забрана за отказ поради бременост, раѓање и родителство
Законот за работни односи изрично го забранува откажувањето на договорот за вработување од работодавачот на работник/чка за време на бременост, раѓање и родителство, како и за време на сместување на дете кај посвоител.
Отсуството од работа за родителство од страна на татко или посвоител на дете, скратено работно време кое се остварува заради грижа за дете со развојни проблеми и посебни образовни потреби и спреченост за нега на дете до тригодишна возраст, не може да биде основ за откажување на договорот за вработување.
Отказот на договорот за вработување ќе се смета за ништовен, доколку на денот на врачувањето на отказот работодавачот бил запознаен со околностите во однос на бременост, родителство, или доколку работникот во рок од 15 дена од врачувањето на отказот го извести работодавачот за постоење на околностите со доставување на соодветна потврда од овластен лекар или надлежен орган.
ПРАВИЛНО е да се смета дека работничката која ќе добие сознанија дека е бремена за тоа веднаш да го извести работодавачот со цел да може да ги остварува правата кои и следуваат согласно законот, но и за да биде правно обезбедена во случај на идна судска постапка.
ПОГРЕШНО е да се смета дека доставувањето на потврда е дискриминаторски, забраната за барање на доставување на други исправи и докази се однесува при склучување на договор за вработување со работничка, додека во овој случај имаме веќе заснован работен однос.
Проф. д-р Лазар Јовевски