МакедонијаСветот на работникотСиндикат

Утврдувањето на минимална плата со преговори е многу тешко во Македонија

Нема услови за одредување - Работник
179views

Европската Комисија, на барање на европските синдикати, вети дека во државите членки на ЕУ дека ќе овозможи преку колективно преговарање да се воспоставуваат минималните плати, но и нивниот износ. Какво е мислењето кај нас околу колективното преговарање како алатка преку која, не само што треба да се утврдуваат платите, туку и да се преговараат другите работнички права.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати велат дека целата поента на задолжителна, законски регулирана минимална плата е да се направи јасно разграничување помеѓу сиромаштија и пристојна плата. Според нив, минималната плата мора да ги покрива минималните услови за пристоен живот, а самиот факт дека многу работници кои се приматели на минимална плата во Македонија, како и во многу земји во Европа се на работ на сиромаштија, е навистина неприфатлив.

Истакнаа дека Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија уште во 2005 година ја започнала иницијативата за законско регулирање на минимална плата и во тој период започнала со собирање на потписи и собрала над 45.000 потписи, за конечно нивната иницијатива да биде реализирана во 2012 година.

Посочија дека на 14 јануари Европската комисија ја започнала првата фаза на консултации со социјалните партнери на Европско ниво за иницијативата за минимална плата, за предлог директива за фер плати, колективно преговарање и минимална плата на чиј модел за законска минимална плата не се согласуваат нордиските земји.

„Утврдување на минимална плата по пат на колективно преговарање за наши услови е многу тешко, бидејќи во Македонија свеста за колективно преговарње и уредување на правата од работен однос преку колективно преговарање сеуште не е на задоволитлно ниво. Треба на тоа поле уште многу да работиме и да се надоградуваме и ние како синдикати, но и работодавачите и државата како работодавач подобро да го разбере овој модел на уредување на правата од работен однос. Ние го прифаќаме моделот на законски утврдена минимална плата, бидејќи платите во Македонија, пред донесување  на овој закон беа навистина ниски, од 6000 – 7000 денари“, велат од КСС.

Но, како што велат, од самото покачување на минималната плата во Македонија, КСС остро реагирала на “урамниловката” на платите, каде различни работни позиции со различен степен на сложеност се изедначени и сите земаат иста плата. Нагласија дека доколку расте само минималната плата, а останатите плати не се покачуваат, тогаш Македонија е земја во која повеќе од половина од населението кое е во работен однос е примател на минималната плата што е навистина поразувачки.

Потенцираа дека по пат на колективни договори можат и треба да се утврдуваат плати повисоки од минималната плата, додека законот за минимална плата е само најниската рамка на износ под кој не смее да се исплаќа плата.

Од друга страна од Организацијата на Рабтодавачи на Македонија сметаат дека барањето на синдикатите од Европа за висината на минимална плата да се уредува со колективни договори, наместо со Закон е оправдано, затоа што, како што велат, таму синдикалните организацио опфаќаат голем број на работници и логично е посилните сектори да можат да договорат и повисока минимална плата.

„Се разбира и кај нас постојат видливи разлики од сектор до сектор, но проблемот е што синдикалната застапеност е на многу ниско ниво. Слично е и нивото на застапеност на работодавачите во Организацијата на работодавачи. Во такви случаи не логично е прашањето на утврдување на минималната плата да се уредува со колективни договори, затоа што со нив се опфатени многу мал број на работници. Ако успееме во идниот период да ги засилиме и синдикалните организации и здруженијата на работодавачи, тогаш можеме со право и кај нас да го поставиме ова прашање“, велат од ОРМ. 

Од таму посочија дека колективното договарање кај нас има многу проблеми:

Велат дека најпрвин со него се опфатени многу мал број на работници,

Според нив, во Општиот колективен договор кој важи за сите вработени во стопанството од приватниот сектор, постои разногласие за примената кај институции кои вршат јавна дејност а се во приватна сопсвеност и кај јавни претпријатиеја кои обавуваат стопанска дејност. 

Од ОРМ истакнаа дека одредбата гранските договори да важат само за членовите на синдикатот и за компаниите кои членуваат во репрезентативната организација на работодавачи ги одвраќа работодавачите да се зачленуваат.

Како други причини ги наведоа:

-Социјалните партнери немаат доволно разбирање за потребите на другиот партнер;

-Тешко се прават компромиси и се изнаоѓа заеднички прифатливо решение, па преговорите траат многу долго;

-Многу колективни договори не се продолжуваат или не се донесуваат нови, а одредбите на веќе истечените договори продолжуваат да траат вечно…

Истакнаа дека колективните договори не само што не ги намалуваат судските спорови, туку предизвикуваат и нови, затоа што во услови кога партнерите не можат да изградат заеднички прифатливо решение често пати донесуваат решение кое е недоволно јасно и прецизно.

Порачаа дека за да се надмине оваа состојба потребна е измена во ЗРО каде со одредени измени ќе се поттикне колективното преговарање и застапеноста на работниците и работодавачите во колективните договори.

Колективни преговори можат да се одвиваат на национално, секторско и на ниво на работодавач, а нивен производ е Колективниот договор.

Порталот Работник испрати прашања до Министерството за труд и социјална политика и Канцеларијата на Меѓународната организација на трудот во Скопје, но до објавувањето на текстот не добивме одговори. 

Бобан Илијевски