МакедонијаПравдаСветот на работникот

Филипче: Со системот на ротација, здравствените работници ќе имаат шанса малку да одморат

216views

На новинарско прашање за бројот на анестезиолози во ГОБ „8 Септември“, министерот за здравство Венко Филипче истакна минатата недела интензивно се разговараше за замена и помош на колегите анестезиолози и двајца колеги од Клиниката за анестезија реанимација и интензивно лекување од среда, да дојдат на помош за дополнување на колегите во болницата „8 Септември“.

-Се направи распоред за да не трпи и оперативниот програм на хируршките клиники. Така што навистина пожртвувано, лекарите работат целиот овој изминат период. Со овој систем на ротација не само анестезиолозите, туку и другите колеги ќе имаат шанса и малку да одморат, истакна Филипче.

Тој информираше дека не се само анестезиолозите вклучени во овој систем на ротација и надгледување на пациентите, туку вклучени се и лекарите интернисти, а особено пулмолозите коишто имаат знаење и експертиза за третман на пациенти со белодробни заболувања.

-Се вклучија целосно колегите од Институтот за туберкулоза и во ГОБ „8 Септември“ и во Инфективната клиника. Тоа се луѓе коишто имаат многу искуство со лекување на пациенти кои имаат белодробни заболувања. Малиот број на хоспитализирани пациенти коишто беа сместени на оваа клиника се префрлија во болниците во Лешок и во Јасеново, и сега овие колеги се целосно посветени. Значајна помош има и од колегите од Клиниката за хематологија кои прават многу специфични анализи за апсолутно сите пациенти без разлика каде се хоспитализирани, заради тоа што таа метода којашто се прави единствено на клиниката за хематологија, е многу битна за индикација за давање на соодветен тип на лекови во соодветно време, истакна Филипче.

Тој додаде дека огромен број на лекари и медицински персонал се вклучени во овој систем на соработка и интердисциплинарен пристап во третманот на пациентите со Ковид-19 и истакна дека апсолутно постои волја кај медицинските лица да се вклучат во работењето на интензивните одделенија:

„Со овој систем на ротација, со волјата и ентузијазмот и на другите колеги да дојдат во овие одделенија, во овој момент сметам дека нема апсолутно никаков ризик за лекарите, иако морам да кажам дека дел и навистина се преморени, но сепак се надополнуваат со овој систем на ротација.“

На прес-конференција, министерот Филипче ги повика сите граѓани целосно и доследно да ги почитуваат мерките за заштита, зошто така ќе се заштитат и ќе им се помогне на здравствените работници кои речиси пет месеци пожртвувано, деноноќно работат и се борат за секој човечки живот.