ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Николов: Дали ако работникот работи 7 дена во неделата за 15,000 денари ќе биде попродуктивен?

Здружението „Гласен Текстилец“ од Штип беше иницијатор за недела да биде навистина неработен ден и тоа да важи за сите работници, со исклучок на есенцијалните дејности, како што се здравството, пожарникарите, полицијата и војската, рече Иван Николов од Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“, во студио 10 на ТВ 24.

Тој посочи дека во изминатите три децении, има брутално прекршување на човековите и работничките права на вработените во целиот приватен сектор во Македонија.

Истакна дека пред една недела Претседателката на Гласен Текстилец, Госпоѓата Кристина Ампева видно револтирана даде изјава дека законското решение кое се предлага од Владата, ние како здружение не го баравме.

Тој рече дека според Законот за работни односи и Општиот Колективен договор за стопанството, работодавачите се должни да водат електронска евиденција за работното време, но истата е злоупотребена со бришење на работни часови од системот. Со тоа, како што вели, работодавачот не прикажува прекувремена работа, работа за празник или ден на неделен одмор пред надлежните институции, како Управата за јавни приходи и Државниот трудов инспекторат.

„Ова претставува реална причина на Гласен Текстилец да иницира недела да биде неработен ден. Да бидеме уште попрецизни – не би брале вакво законско решение доколку работодавачите не ја бришеа евиденцијата на работното време и соодветно го исплаќаа трудот на вработените. Во досегашната пракса доколку работниците сакаат да ги побаруваат правата од работен однос за прекувремени часови, работа на празници и викенди, мораат да поведуваат соодветни судски постапки, со цел да се изврши судско вештачење на евиденцијата на работното време и тоа од страна на вешти лица, за да се открие злоупотребата на трудот којшто го вложуваат работниците на своите работни места прекувремено, за празник и што е најважно за неделен одмор“, рече Николов.

Тој посочи дека не може секој работник да си дозволи да започне судска постапка со плата која изнесува 200 до 300 евра, бидејќи судските трошоците се многу високи, а примањата на работниците, како што е познато, се ниски.

Истакна дека од една страна имаме бизнис заедница којашто не ги осуди ниту покрена иницијатива против нивни колеги кои исплаќаат плата од 1,78 денари, оние коишто ја злоупотребија државната помош, во ек на кризна состојба, што е еднакво на воено профитерство, што оставаат народ без здравство, во време на здравствена криза, што менуваат имиња на фирми за да не исплаќаат плата на работниците, исплаќаат аванси и бараат пари назад од платата, како и даваат плати под законскиот минимум кои како што рече, волшебно поминуваат низ системите на Управата за јавни приходи.

Тој на крајот постави едно прашање околу тоа дали ако работи 7 дена во неделата за 15,000 денари, работникот ќе биде попродуктивен?