Светот на работникот

Добивте унапредување? Немојте веднаш да кажете „да“ – прво проверете ги овие четири работи

Унапредувањето најчесто се доживува како потврда дека сме успешни. Нова титула, поголема одговорност, често и поголема плата, се’ делува како логичен следен чекор во кариерата. Сепак, прифаќањето на повисока позиција автоматски не значи и подобар деловен живот.

Тоа на своја кожа го почувствувала и Тања, која по 15 години работа во консултантска компанија добила унапредување на местото директорка за управување со клиенти. Иако со години напредувала и имала поддршка од надредените, само неколку месеци по промоцијата започнала да се чувствува исцрпено и преопотварено.

На разговор со коуч признала дека би сакала пред да ја прифатела понудата, да застанала и да размислела дали е тоа навистина работа која ја посакува.

Нејзината приказна не е необична. Истражувањата покажуваат дека унапредувањето често краткорочно го зголемува задоволството на вработените, но тој ефект може да трае помалку од една година. Кога почетното возбудување ќе помине, се појавуваат нови барања, поголема одговорност и стрес кој можат во потполност да ја променат сликата за новата позиција.

Проблемот е што тогаш многумина веќе се наоѓаат во улогата која ја прифатиле од чувство на амбиција, лојалност или очекување на околината.

Не секоја нова позиција е вистински следен чекор

Постои и помалку познат облик на професионално незадоволство кој се опишува со терминот „rust out“. За разлика од класичниот burnout, кој често е поврзан со преголемо оптоварување, „rust out“ се појавува кога вработениот нема доволно стимулација или не ги користи своите најважни вештини.

Последиците можат да бидат досада, незаинтересираност, чувство дека работата нема смисла, но и тивка потрага по нова работа.

Во случајот на Тања проблемот не бил само во количината на работата. Новата позиција едноставно не одговарала на нејзините таленти. Наместо да се бави со иновации на производи и унапредување на процесот, области во кои е најдобра, поголемиот дел од времето го поминувала во задачи кои не и’ одговарале.

Затоа пред прифаќање на унапредување не е доволно само да се запрашате: „Дали е ова добра прилика?“ Важно е и да прашате: „Дали е ова добра прилика за мене?“

1. Обрнете внимание на тоа како се чувствувате

Кога ќе ја добиете понудата за унапредување, првиот импулс може да биде веднаш да кажете „да“. Сепак, вреди да се направи мала пауза.

Како се чувствувате кога ќе замислите дека навистина ја прифаќате таа позиција? Дали чувствувате возбудување, дури и ако е проследено со здрава доза на трема? Или преовладуваат притисок, тежина и нелагодност?

Секако, нервозата сама по себе не значи дека треба да ја одбиете приликата. Секоја голема промена може да предизвика страв. Но разликата помеѓу „ме плаши, но одвај чекам“ и „ме плаши и би сакал/а ова да исчезне“ може да биде важен сигнал.

Пред одлуката обидете се да согледате како навистина ќе изгледа секојдневнието на новата позиција. Кои одлуки ќе ги носите? Колку време ќе бараат? Со какви луѓе ќе работите? Кои нови притисоци доѓаат со неа?

Титулата може да изгледа одлично на хартија, но секојдневната работа може да биде сосема поинаква.

2. Замислете се себеси една година подоцна

Уште еден корисен тест е да го прескокнете почетното возбудување и замислете дека веќе една година сте на новата позиција.

Почетната еуфорија поминала. Повеќе нема чувство дека сте „добиле унапредување“. Останала само работата. Како изгледа вашиот типичен ден?

Дали сте задоволни од состаноците, одлуките одговорностите кои сега ги имате? Дали ги користите вештините во кои сте најдобри? Дали имате време за работите кои ви се важни вон работа?

Ваквото замислување на иднината може да помогне да ја разликувате желбата за самата промоција од желбата за работата која ви ја носи.

Некогаш сфаќаме дека моменталната позиција ни е сосема добра. Можеби не сакаме да го менуваме балансот помеѓу приватниот и работниот живот, да преземеме дополнителни одговорности или да го жртвуваме времето за семејството, образованието, хобијата и другите приоритети.

И тоа е сосема легитимна одлука.

3. Не прифаќајте ја позицијата како нешто што е „изрезбано во камен“

Една од честите грешки е претпоставката дека новата позиција мора да се прифати токму онаква каква што била кај претходното лице.

Меѓутоа, начинот на кој некој ја извршува функцијата не мора да биде единствен начин.

Тука доаѓа до израз концептот job crafting – идеја дека вработениот, во одредена мера, може да ја прилагоди работата на сопствените вештини, интересирања и начин на работа.

Ако ви се нуди раководителна позиција, обидете се да дознаете колку простор имате да ја обликувате. Кои проекти можете да ги изберете? Колку слобода имате во носењето одлуки? Што претходниот менаџер работел добро, а што би можеле да промените?

Дури и во текот на разговорот можете да објасните како би го воделе тимот или би ја организирале работата и да проверите дали таквиот пристап се вклопува во очекувањата на компанијата.

Токму тоа и’ помогнало и на Тања. Кога сфатила дека новата позиција не одговарала на нејзините таленти, не рекла само дека не ја сака работата. Му објаснила на раководството кои видови задачи најдобро и’ одговараат на нејзините способности и како тие би можеле да придонесат на компанијата.

На крајот добила шанса да води стратешка имплементација на проект на ниво на целата организацијата – работа која многу подобро одговарала на нејзините вештини.

4. Не морате секогаш се’ да знаете пред да направите чекор

Иако е важно да се размисли пред да се прифати новата позиција, постои и друга крајност, премногу анализирање.

Кариерата ретко се одвива според совршено испланирано сценарио. Понекогаш дури откако ќе ја прифатиме новата прилика сфаќаме што ни одговара, што сакаме и во која насока сакаме да одиме.

Професорката по организационо однесување на London Business School, Херминиа Ибара со години ги проучува промените во кариерата и професионалниот идентитет. Нејзините истражувања покажуваат дека не мораме секогаш прво да имаме потполно јасна слика за тоа што го сакаме, па дури тогаш да делуваме. Често е токму спротивното – со делување, експериментирање, испробување на нови улоги доаѓаме до појасна слика за себеси.

Затоа одлуката не мора секогаш да биде помеѓу „да“ и „не“.

Можете да ја прифатите приликата и да се обидете да ја обликувате. Можете да поставите јасни очекувања. Можете да разговарате за одговорностите, приоритетите и начинот на работа. А можете и да заклучите дека тоа едноставно не е позиција за вас.

Титулата не е исто што и напредок

Лојалноста кон компанијата, амбицијата и желбата да си докажеме себеси и на другите дека можеме често не намамуваат унапредувањето да го прифатиме речиси автоматски.

Но професионалниот успех не е само создавање на се’ подолга листа на титули.

Пред да кажете „да“, застанете и запрашјте се чија желба всушност ја исполнувате – својата или туѓа. Размислете дали новата позиција ги користи вашите најдобри вештини, дали одговара на вашите вредности и како секојдневниот живот со неа би изгледал.

А ако позицијта не е совршено скроена за вас, можеби не не неопходно веднаш да кажете „не“. Понекогаш е можно да се прилагоди работата на сопствените сили и интереси.

Бидејќи вистинското унапредување не е нужно она кое носи поголема титула. Тоа е она кое ве води кон работа во која можете да бидете подобри, позадоволни и долгорочно успешни.

Извор: BIZLIfe.rs