Хелсиншки комитет: Најголем број пријави на работниците се за откази од деловни причини
Веднаш по воведувањето на првата мерка на Владата за заштита и превенција од коронавирусот на 10 март, Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрираше 43 пријави кои се однесуваа на 1537 работници, заклучно со 26 март, истакнаа од Хелсиншкиот комитет за човекови права за Порталот Работник.
„Најголемиот број од пријавите се однесуваа на откази од деловни причини, а некои од работниците биле принудени да го прекинат својот работен однос со спогодба. Работниците пријавија дека работодавачите ги принудуваат да користат годишен одмор, во спротивно им се закануваат со откажување на договорите за вработување. Дел од барањата за правна помош се однесуваа на потребата од советување за мерките кои беа воведени, најчесто за ослободувањето од работа на еден родител за грижа на своето дете до 10 годишна возраст“, велат од Хелсиншки комитет.
Според нив, работничките права во поголем обем се прекршувани во приватниот сектор. Велат дека во Комитетот било пријавено дека Друштвото за продукција и постпродукција на видео и филмски материјали ФХЗХ ДОО Скопје известило речиси 20 работници дека ќе им биде откажан договорот за вработување од деловни причини и во целост укинало една организациона единица. Дополнително, Друштвото за трговија и услуги КАСТ ИНВЕСТ ДОО Скопје, според пријавите на работниците, усно им ги откажалo договорите за вработување од деловни причини на 120 вработени.
Според податоците регистрирани од Хелсиншкиот комитет и оние објавени од медиумите, а во врска со одјавувањата во Агенцијата за вработување во Охрид најпогодена е текстилната индустрија, каде што засегнати се најмалку 4128 работници. Со оглед на тоа што жените работнички се најзастапени во текстилната индустрија, овој проблем неизбежно добива родова димензија.
Хелсиншкиот комитет ги советува работниците да не потпишуваат ништо без претходно да се консултираат со правник и/или адвокат.
„Правниот тим на Хелсиншкиот комитет им стои на располагање за бесплатна правна консултација, секој работен ден од 9.00 до 14.00 часот. Сите оние кои ќе се соочат со прекршување на нивните работнички права ги советуваме да ги користат заштитните механизми кои им стојат на располагање, како што е Државниот инспекторат за труд“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Бобан Илијевски
- По повеќе од две години опструкции, СОНК ја обнови репрезентативноста - 07/12/2024
- Мицкоски по состанокот на ЕСС: Очекувам наредната година да имаме раст кој ќе го почувствуваат граѓаните преку повеќе пари, подобри услови за бизнис и поефикасни услуги - 06/12/2024
- Во октомври зголемен бројот на слободни работни места во САД - 05/12/2024