МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

КСС: Неизбежна е социјалната криза доколку се продолжи со популизам

   Време за читање 6 минути

КСС го објавува ова соопштение со цел да се разјасни ситуацијата во јавниот сектор, целосно, со сите вистини и да постави неколку прашања до лидерот на СДСМ, до Министерот за информатичко општество и администрација, како и да упати апел до Владата да носи разумни одлуки, пишуваат од Конфедерацијата на слободни синдикати во соопштението за јавноста.

„Пред се, за да биде сликата целосна, кратко ќе се навратиме во 2018 година кога за прв пат се објави идејата за трансфер од јавен во приватен сектор и зошто ние бевме против, особено на почетокот на оваа година со отпочнување на изборниот циклус“, велат од КСС.

КСС одлучи јавно и транспарентно да истакне податоци кои што ќе ја дадат целосната слика на вработените во јавниот сектор и ќе објасни зошто се спротивставува на кратењето на платите и секако на трансферот од јавен во приватен сектор, наведуваат од КСС.

Според нивни неофицијални податоци затоа што, како што велат, за истите има недостаток од објавување и транспарентност од страна на влaдините институции, во последните две години, во јавната администрација се вработени 14 000 нововработени на определено време, со објаснување заради зголемен обем на работа.

Понатаму, велат дека преку агенциите за привремено вработување има вработено над 10 000 нововработени, исто како причина зголемен обем на работа со што впрочем и во месец јануари имало преку 65 нови договори од страна на институциите за ангажирање на работници од агенциите за привремено вработување. Оттука произлегуваат неколку прашања кои што сакаат да ги постават.

„Прво, дали оваа бројка се поклопува со бројката за која треба да се намали јавниот сектор?

Второ, во услови на пандемија и економска криза, каде што повеќето вработени седат дома и е намален обемот на работа за сите институции, дали е основано и законски да продолжат договорите на определено време и договорите со агенциите за привремено вработување по основ на зголемен обем на работа?

Понатаму, знаеме дека според Регистарот имаме 1314 институции во коишто Владата има именувано директори и нивни заменици, а во одредени и државни секретари, па оваа бројка достигнува околу 3 000  именувани и избрани лица кои што во просек заедно со платите и придонесите и нивните потреби за материјални трошоци имаат минимум месечни трошења од 3 000 евра по функционер. На ова ќе ги додадеме и избраните функционери во управните и надзорните одбори на институциите кои што се со минимум примања од 10 000 денари месечно и заедно со пратениците доаѓаме до бројка од 5 000 функционери. Предлагаме да се намалат платите на сите именувани и избрани лица и секако да се сопре исплатата на надоместок за учество во надзорни и управни одбори.

Како трето, имаме легитимно право да прашаме колку средства ќе се заштедат ако се почитуваат законите, заради намалениот обем на работа сопрат договорите, дел на определено, дел преку агенциите за привремено вработување, ако се намалат платите на избраните и именуваните лица и ако сопрат надоместоците за учество во управен и надзорен одбор?

Нашите пресметки велат дека ќе се заштедат многу повеќе пари за разлика ако ги скратите платите во јавната администрација на 14 500 денари, а воедно ќе се намали администрацијата во рамките на нормално функционирање и ќе нема потреба за трансфер од јавен во приватен сектор.

Четврто, прашуваме зошто се форсираше толку трансферот од јавен во приватен сектор кога знаеме колку вработени има на определено време и преку агенции за привремено вработување заради зголемен обем на работа, или требаше да се направи место за да се вработат сите овие работници во јавниот сектор кои што се примени во последните две години, а особено, голем дел и од почетокот на оваа година во време на техничка влада?

Па оттука во контекст на ова прашање упатуваме дополнително до лидерот на СДСМ и Министерот за информатичко општество и администрација од каде толкава храброст и дрскост да посегнат по нашата егзистенција ако се признае дека овие податоци се точни, или водилка на нивните предложени мерки е само популизам?

Исто така, како петто, ја прашуваме Владата од причини што добиваме секојдневни информации за отпуштање во реалниот сектор да излезат со точен податок колку лица се одјавени во Агенцијата за вработување, во последниот месец?

Со кратењето на овие средства ќе може да се помогне и на стопанството, но секако повторно ќе напоменеме да се формира солидарен фонд каде што сите што добиле откази заради настанатата криза ќе добиваат одреден недоместок се со цел и тие да можат да опстанат во овие тешки времиња.

Почитувани,

Бараме Владата да изнесе транспарентни и точни одговори за нашите прашања и воедно ги повикуваме да носат разумни одлуки со цел зачувување на достоинството и егзистенцијата на вработените во јавниот сектор, да се избегне социјален проблем кој што без сомнеж ќе направи социјална криза доколку посегнете по вакви мерки.

Понатаму, бараме консултација со синдикатите и заеднички да изнајдеме решение во време на ваква криза со што би се сочувал социјалниот мир. Во спротивно, КСС Ве предупредува дека ќе преземе легитимни радикални чекори и ќе пружи отпор во рамките на законските можности“, истакнуваат од КСС во соопштението.