Ќимова: Како што компанијата го проценува кандидатот, така и тој ја проценува компанијата
Пред некој ден на порталот Работник објавивме текст за тоа дека еден кандидат кој чекал девет дена одговор од компанијата за тоа дали е примен на работа, им пишал дека прифатил друга понуда. Компанијата чија понуда ја прифатил не му понудила подобра плата или подобри услови – едноставно му одговорила во рок од 48 часа. Така, првата компанија го изгубила најдобриот кандидат.
Се мислев дали на темата да напишам колумна, но заклучив дека ќе биде потребно да искомуницирам со некој од областа на човечките ресурси. Ја исконтактирав Трајнка Ќимова, специјалист за човечки ресурси, и раскажувајќи и’ го текстот ја прашав за нејзино мислење.
„Искрено мислам дека примерот што го наведовте зборува за нешто поголемо од брзината на еден процес на селекција. Да, брзината е важна, но јас не би ја ја ставила во центарот“, започна Ќимова.
„Во центарот е односот кон човекот кој седи од другата страна на процесот. Зад секое CV има човек кој одвоил време, вложил надеж можеби се подготвувал за интервју, можеби одбил друга можност затоа што верувал дека оваа компанија е вистинскиот избор.“
„И кога девет дена нема никаква информација, компанијата можеби мисли дека само процесот трае. Кандидатот, пак, го доживува тоа поинаку. Тој почнува да се прашува дали е заборавен, дали не е доволно добар, дали позицијата воопшто е сериозна. И додека компанијата размислува, кандидатот можеби веќе донел одлука.“
Според Ќимова, има уште нешто што го забораваме. Човекот кој денес испраќа CV не конкурира за да најде работа по шест месеци или една година. Тој конкурира сега. Нешто го привлекло во таа компанија. Позицијата, начинот на кој е претставена, самата компанија, нејзината репутација, можноста за развој или едноставно чувството дека токму таму би сакал да работи.
„Затоа, зад секоја апликација има моментален интерес. И тој интерес заслужува човечки одговор. Не мора секогаш веднаш да ја имаме конечната одлука, но мора да знаеме како да комуницираме додека таа се носи. ‘Процесот се’ уште трае’, ‘ќе ве информираме’ или ‘овојпат не продолжуваме’ – ваквите кратки пораки се доволни за човекот дека знае дека неговото време и неговиот интерес биле забележани.“
Ќимова ја прашавме и за тоа како е во Македонија по однос на ова прашање.
„А ако зборувам од она што го гледаме во македонската пракса, мислам дека тука се’ уште имаме многу простор за подобрување. Има компании каде кандидатите воопшто не добиваат повратна информација, процесите траат предолго, а понекогаш истиот оглас повторно се објавува без кандидатите од претходниот круг воопшто да знааат што се случило. Тоа не е само пропуст во комуникацијата. Тоа е порака што компанијата ја испраќа за себе.“
„Секако, има и компании кои работат поинаку и вложуваат во добро кандидатско искуство, но мислам дека како пазар се’ уште треба да научиме дека кандидатот не е само некој што треба да го процениме, и тој ја проценува компанијата. Затоа, според мене, комуникацијата не е додаток на добриот HR процес. Таа е самиот процес.“
„И тука е една работа на која особено инсистирам: одбивањето не го намалува достоинството на кандидатот. Начинот на кој ќе го одбиеме може да го направи тоа. Понекогаш една кратка, човечка порака може да остави подобар впечаток од цел процес на селекција. Затоа не би рекла дека другата компанија го победила најдобриот кандидат само затоа што одговорила за 48 часа. Можеби само му покажала нешто многу едноставно: Те слушаме. Те цениме. И твоето време ни е важно, а тоа денес станува сериозна конкурентска предност. Зашто кандидатите веќе не избираат само плата, позиција и бенефиции. Го избираат и чувството што го добиваат од компанијата уште пред да станат нејзини вработени.“
„И тука HR има огромна одговорност. Не сме тука само да ги селектираме луѓето за компанијата. Ние сме и првата слика на компанијата пред човекот. А првата слика многу тешко се поправа кога еднаш ќе оставиме впечаток дека човекот може да чека неограничено долго затоа што има време. Нема. Ниту кандидатот, ниту компанијата.“
„И уште нешто што за мене е особено важно: во селекцијата не избира само компанијата. Избираат и двете страни. Кандидатот можеби на почетокот гледа само во огласот, позицијата и условите. Но низ процесот тој ја запознава и компанијата, начинот на кој комуницира, како ги третира луѓето, колку е организирана, колку го почитува туѓото време и каква култура испраќа уште пред некој да стане нејзин вработен.“
„Затоа, понекогаш, кога кандидатот не добива одговор, прашањето не треба да биде само: Зошто не ме избраа? Треба да се запрашаме и: Дали воопшто разбраа кого имаа пред себе и дали тие беа компанијата што јас би ја избрал? Затоа, ако ме прашате што е најважно во комуникацијата за време на селекцијата, мојот одговор е едноставен: почитта кон времето на кандидатот, јасноста во комуникацијата и човечноста во секој контакт. Затоа што можеби нема секој кандидат да стане наш вработен. Но секој кандидат ќе понесе со себе впечаток за тоа каква компанија сме. И токму тука, според мене, се гледа разликата меѓу HR кој само го следи процесот и HR кој навистина ја разбира својата улога.“

