Вести

ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА НЕ Е ИДНИНА ТУКУ СЕГАШНОСТ, рече премиерот Мицкоски

Вештачката интелигенција не е веќе технологија на иднината, туку на сегашноста и вистинското прашање денес е какво место ќе имаме ние во таа промена, вели претседателот на Владата Христијан Мицкоски.

Мицкоски, кој денеска се обрати на „Startup Revolution AI Summit“ во Скопје, порача дека македонија не треба да биде набљудувач на новата технолошка револуција, туку нејзин активен учесник.

– Вештачката интелигенција веќе не е технологија на иднината за која разговараме и се обидуваме да предвидиме како еден ден ќе влијае врз нашите животи. Таа е технологија на сегашноста, која веќе го менува начинот на кој работиме, учиме, комуницираме, произведуваме, лекуваме, истражуваме и создаваме компании. Затоа прашањето повеќе не е дали вештачката интелигенција ќе ги промени нашите економии и општества. Тоа веќе се случува. Вистинското прашање е какво место ќе имаме ние во таа промена – рече Мицкоски во обраќањето.