Најдобриот кандидат ја одбил работата поради еден мејл -„Прифатив нешто друго“
Не барал поголема плата, подобра позиција, ниту добил попримамлива понуда од конкуренцијата. Се откажал затоа што девет дена по последното интервју не добил одговор, пишува Blic.
Овој пример, кој е објавен на LinkedIn, покажува колку компаниите денес можат да изгубат поради бавниот процес на вработување. Додека работодавачите ги усогласуваат одлуките и прибираат мислења од членовите на тимот, најдобрите кандидати често не чекаат.
Во овој случај, кандидатот поминал три круга на разговор, оставил одличен впечаток и станал прв избор на компанијата. Членовите на тимот биле согласни дека го сакаат токму него.
Сепак, по последниот разговор следела тишина.
Девет дена без одговор било доволно
Според објавата на LinkedIn, на ХР службата и’ биле потребни неколку дена за да ја усогласи интерната одлука.
Проблемот бил во тоа што „неколку дена“ се претвориле во девет дена.
Кандидатот тогаш испратил кратка порака:
„Ви благодарам на шансата, прифатив нешто друго“.
И така компанијата го изгубила кандидатот којшто веќе го избрала – не поради пари, услови за работа или конкурентска понуда, туку поради тоа што не му се јавила на време.
Другата компанија одговорила за само 48 часа
Ситуацијата станува уште поинтересна кога ќе се погледне што се случило во меѓувреме.
Другата компанија му се јавила на кандидатот во рок од само 48 часа.
Според наводите од објавата, не го привлекла со поголема плата, ниту подобра позиција. Била во предност едноставно само поради тоа што била побарза и сакала да го вработи.
Тоа е денес една од важните предности во борбата за квалитетни работници.
Компаниите често сакаат процесот на селекција да биде детален. Во одлуката ги вклучуваат ХР, менаџерите, директорите и другите членови на тимот, го проверуваат буџетот, условите и интерните процедури.
Сето тоа има смисла од перспектива на работодавачот.
Но, кандидатот не го гледа интерниот процес на одлучување. Тој само гледа дека нема одговор.
Кандидатот не знае што се случува зад затворени врати
За компанијата девет дена можеби е само период потребен за усогласување.
За кандидатот тоа се девет дена неизвесност.
Тој не знае дали е прв избор, дали компанијата разгледува други луѓе, дали позицијата е стопирана или едноставно е заборавен во процесот.
Сепак, во меѓувреме други компании продолжуваат да вработуваат.
Особено изискуваните кандидати често имаат повеќе отворени процеси истовремено. Ако една компанија молчи, друга може да испрати понуда.
Затоа кај најдобрите кандидати брзината на комуникацијата се’ повеќе се претвора во конкурентска предност.
Проблемот не е само во чекањето – туку и пораката која тишината ја испраќа
Кога компанијата не може веднаш да ја донесе конечната одлука, тоа не мора автоматски да значи дека ќе го изгуби кандидатот.
Голема разлика може да направи и едноставната и навремена комуникација.
На пример, кандидатот може да добие информација дека и понатаму е во процесот, со објаснување дека за конечна одлука потребни се уште неколку дена и јасен рок кога може да очекува одговор.
Таквата порака на кандидатот му покажува дека компанијата го почитува неговото време.
Тишината испраќа потполно поинаква порака.
Може да остави впечаток на неодлучност, лоша организација или недостиг на интерес – дури и кога тоа воопшто не му била намерата на работодавачот.
Компаниите можат да го изгубат најдобриот кандидат после недели работа
Парадокост е во тоа што работодавачите често вложуваат многу време во процесот на селекција.
Тука се огласите за работа, прегледувањето на биографии, телефонските разговори, тестирањата, три или повеќе кругови на интервјуа, процена на кандидатот и состаноци на членовите на тимот.
А потоа, кога треба да се донесе конечна одлука, процесот се забавува.
Во меѓувреме кандидатот продолжува да разговара со други компании.
На тој начин можат да бидат изгубени недели работа поради еден едноставен пропуст – изостанување на навремена комуникација.
Брзото вработување може да биде голема предност
Овој пример не значи дека компаниите треба да носат непромислени одлуки. Темелната селекција е важна, особено кога станува збор за позиции кои носат голема одговорност.
Но помеѓу носењето одлуки за неколку часа и оставањето на кандидатот без одговор девет дена постои голем простор за подобра организација.
Компанијата која комуницира брзо не мора нужно да биде таа која најмногу плаќа.
Може да биде таа која:
- брзо дава повратни информации;
- ги почитува роковите кои му ги ветила на кандидатот;
- јасно комуницира кога одлуката доцни;
- покажува дека се грижи за кандидатот;
- не дозволува интерниот процес да стане проблем на кандидатот.
Во време кога компаниите се борат за квалитетни работници, искуството на кандидатите во текот на вработувањето може да биде еднакво важно како платата и бенефитите.
Најдобриот кандидат можеби нема да чека компанијата да го заврши својот интерен процес.
Можеби едноставно ќе ја прифати понудата на оној кој прв му се јавил.
Што компаниите можат да научат од овој пример?
Ако кандидатот ги поминал сите кругови на селекција и компанијата сака да го вработи, комуникацијата не би требало да престане токму во моментот кога е најважна.
Дури и кога конечната одлука не е спремна, кандидатот треба да знае што се случува, зошто одлуката доцни и кога може да очекува одговор.
Бидејќи во трката за најдобри кандидати не секогаш е пресудно кој најмногу плаќа.
Понекогаш победува оној кој се јавува прв.
Извор: Bizportal.rs

