ЕкономијаСвет

Осум германски семејни компании постари од 400 години – најстарата е основана во 1502 година

Осум германски семејни компании, од кои секоја има историја подолга од четири века, успеале да ги преживеат најголемите историски потреси и да продолжат да работат до денес.

Уште две компании во наредните години би можеле да прослават 400 години постоење. Ова го покажува ажурираната листа на 50 најстари германски семејни компании, која ја објави Фондацијата за семејни компании (Stiftung Familienunternehmen) од Минхен.

На врвот и понатаму се две компании од Северна Рајна-Вестфалија, кои постојат повеќе од пет века.

Најстарата е основана пред повеќе од 500 години

Првото место го зазема Coatinc Company од Кројцтал, компанија специјализирана за обработка и заштита на метали. Основана е во 1502 година, се разбира, под сосема поинакво име од денешното.

На второто место е Prym Group од Штолберг, основана во 1530 година. Компанијата е позната и по тоа што го измислила дрекерот, односно патент-затворачот кој се користи на облеката.

Интересно е што на листата се наоѓаат исклучиво компании од Западна Германија. Причината е историска – семејните компании во поранешната Источна Германија биле национализирани во времето на Германската Демократска Република.

Во првите десет најстари компании има претставници од само три сојузни покраини: Северна Рајна-Вестфалија, Баварија и Баден-Виртемберг.

Уште две компании се блиску до 400 години

На само неколку години од четири века постоење е компанијата W. Albrecht од Линдлар, во близина на Келн. Фирмата се занимава со обработка на лим и е основана во 1634 година.

На десеттото место се наоѓа баварската фабрика за производство на платно Mehler, од Тиршенројт, која постои од 1644 година.

Најмладата компанија меѓу 50-те најстари е производителот на машини Kurtz Ersa од Кројцвертхајм во Баварија, основан во 1800 година.

Семејството како „сидро“ низ вековите

Долговечноста на овие компании, според Фондацијата за семејни компании, во голема мера се должи на нивната способност постојано да се менуваат и приспособуваат.

„Низ вековите овие компании постојано се менувале и се приспособувале, при што семејството било сидро на стабилноста и потпора во бурните времиња“, изјави Штефан Хајдбрeдер, директор на Фондацијата за семејни компании.

Според него, токму оваа стабилност и денес придонесува за отпорноста на германската економија во период на кризи.

Листата е составена врз основа на јавно достапни податоци. На неа се вклучени компании со најмалку 50 вработени, кои најдолго се наоѓаат во непрекината сопственост на едно семејство или на повеќе меѓусебно поврзани семејства.

Зошто ги нема аптеките, гостилниците и фармите?

При составувањето на листата не биле земени предвид четири категории традиционални мали бизниси: аптеки, гостилници, воденици и земјоделски стопанства.

Причината е што голем број од нив исто така имаат исклучително долга историја, но не се сметаат за компании во смисла во која фондацијата ја дефинира листата.

На списокот го нема ниту некогаш едно од најмоќните германски претприемачки семејства – Фугер од Аугсбург.

Иако семејството и денес постои, неговите потомци повеќе не управуваат со комерцијална семејна компанија. Фугер во 16 век стекнале огромно богатство преку банкарството и рударството, а добиле и благороднички статус и значително влијание низ Европа.

Денес потомците, според семејната веб-страница, управуваат со девет социјални фондации, кои исто така биле основани во 16 век.

Компании постари од семејните бизниси

Германската традиција на долговечни компании, сепак, не се ограничува само на семејните бизниси.

Еден од најпознатите примери е баварската пиварница Weihenstephan во Фрајзинг. Некогаш била во црковна сопственост, а денес е под покровителство на Баварија. Има право на производство на пиво уште од 1040 година, што значи дека се приближува до неверојатни 1.000 години постоење.

Познатата минхенска пивница Hofbräuhaus, исто така во сопственост на покраината Баварија, е основана во 1589 година.

Ако денешните католички манастири би се сметале за претпријатија, тие би биле неприкосновени рекордери.

На пример, опатијата Tholey во покраината Сар првпат се споменува во историски документи уште во 634 година.

Овие примери покажуваат дека во Германија традицијата на долгорочно управување и пренесување на организациите од една генерација на друга има корени што се протегаат стотици години наназад.

Извор: b92.net