Кој работи во Германија, може да заработи и над 100.000 евра годишно
Лекарите, банкарите, инженерите и ИТ-специјалистите се меѓу најдобро платените професии во Германија во 2026 година. Во одредени медицински специјалности годишната бруто-заработка надминува 100.000 евра, додека медијалната годишна плата на вработените во земјата изнесува 53.900 евра, покажува извештајот на платформата „Степстоун“- пренесува Хandelsblatt/Ханделсблат.
Анализата е направена врз основа на повеќе од 1,3 милиони податоци за плати и открива значителни разлики во примањата зависно од професијата, образованието, работното искуство, одговорноста и големината на компанијата. Според објавените податоци, медијалната бруто-плата во Германија изнесува околу 4.492 евра месечно. Проценетата нето-заработка е околу 2.865 евра месечно, но реалниот износ што му останува на работникот зависи од даночната класа, придонесите и семејниот статус.
Највисоки примања остваруваат лекарите. Специјалистите по интерна медицина имаат средна годишна бруто-плата од 102.500 евра, односно околу 8.540 евра месечно. Високо на листата се и раководителите на сектори, со годишна заработка од околу 80.500 евра, како и развојните инженери, чија средна плата достигнува 75.500 евра. Добро платени се и ИТ-специјалистите, со годишна бруто-заработка од 66.750 евра. Особено се барани стручњаците за вештачка интелигенција, сајбер безбедност и анализа на податоци. Кај инженерите и специјалистите за вештачка интелигенција примањата можат да бидат и значително повисоки, зависно од искуството и позицијата.
Разликите се забележуваат и меѓу стопанските дејности. Највисока медијална бруто-плата има во банкарството – 70.250 евра годишно, или околу 5.854 евра месечно. Високи примања се остваруваат и во воздухопловната и вселенската индустрија, како и во осигурителниот сектор. На спротивниот крај е угостителството, каде што медијалната годишна бруто-заработка изнесува 45.500 евра. Раководните позиции, исто така, носат повисоки примања. Вработените со одговорност за управување со персонал имаат медијална годишна плата од 62.000 евра, наспроти 51.300 евра кај оние без таква одговорност.
Образованието е уште еден важен фактор. Вработените со високо образование заработуваат медијално 68.250 евра бруто годишно, додека кај оние без факултетска диплома примањата изнесуваат 51.200 евра. Разликата е 17.050 евра годишно. Сепак, и без факултет може да се оствари солидна заработка. Сервисните техничари имаат медијална годишна плата од 56.250 евра, а автомеханичарите околу 54.500 евра.
Големината на компанијата исто така влијае врз платите. Во фирмите со повеќе од 5.000 вработени медијалната годишна бруто-плата изнесува 63.000 евра, додека во компаниите со најмногу 50 вработени е 48.800 евра. Податоците покажуваат дека во Германија највисоките примања се концентрирани во медицината, банкарството, инженерството и технологијата, но и дека платата значително зависи од образованието, работната позиција и големината на работодавачот.

