Тесла инвестира три милијарди евра во Германија: Ќе гради фабрика за производство на роботаксија и ќе отвори стотици работни места
Американскиот производител на електрични автомобили „Тесла“ планира да инвестира три милијарди евра во проширување на својата фабрика во Гринхајде, во близина на Берлин, Германија. Инвестицијата вклучува изградба на нов производствен погон во кој ќе се произведуваат целосно автономните такси-возила „Сајбертакси“ (Cybercab).
„Ги поставуваме темелите за технолошки најнапредната фабрика на Тесла во светот“, соопштија од компанијата.
Според најавите, новата производствена хала ќе има капацитет за производство на до еден милион роботаксија годишно.
Почетокот на изградбата е планиран за првата половина на 2027 година, додека стартот на производството се очекува во 2029 година. Компанијата најави и ангажирање на неколку стотици работници за изградбата на објектот и подготовката на производството.
Од „Тесла“ планираат до крајот на годинава да поднесат барање за градежна дозвола за новата хала. Дел од потребната документација за планираното проширување на фабричкиот комплекс била доставена уште во 2023 година.
Инвестицијата од три милијарди евра, покрај новиот производствен погон, ќе опфати и изградба на придружни објекти, како и постројки за преработка на отпадни води.
Повторно се зголемува производството во Германија
Американската компанија претходно се откажа од планираното проширување на фабриката поради падот на продажбата, но повторно ги активираше инвестициските планови по закрепнувањето на побарувачката.
Продажбата на автомобилите на „Тесла“ во Германија во октомври речиси се зголемила четирикратно, покажуваат податоците на германската Федерална управа за моторен транспорт (KBA).
Во периодот од јануари до октомври биле регистрирани 47.742 возила на „Тесла“, што е приближно трипати повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Компанијата неодамна најави дека планира да го зголеми производството на 7.500 автомобили неделно, односно околу 375.000 годишно. Во план е и проширување на капацитетите за производство на батериски ќелии.
Во фабриката на „Тесла“ во близина на Берлин во октомври работеле 12.600 луѓе, а портпаролката на компанијата потврдила дека во последните неколку месеци биле вработени уште 2.000 работници.
Извор: b92.net

