Светот на работникот

Барате работа? Овие шест грешки при деловното поврзување може да ве чинат добра можност

Во време кога огласите за работа се сè поконкурентни, а биографиите и мотивациските писма сè почесто се креираат со помош на вештачка интелигенција, личните контакти можат да бидат важна предност. Но, начинот на кој ги градите професионалните односи може да одреди дали ќе стигнете до нова можност или ќе ја пропуштите.

Деловното поврзување, познато како networking, одамна не значи само размена на визит-картички или додавање нови луѓе на LinkedIn. Станува збор за градење професионални односи кои со текот на времето можат да донесат нова работа, соработка или важен совет за кариерата.

Сепак, токму при создавањето на овие контакти многумина прават грешки кои оставаат лош впечаток.

Кариерните советници и експерти за деловен бонтон издвојуваат шест работи што треба да ги избегнувате.

1. Не испраќајте исти пораки до сите

Една од најчестите грешки е испраќањето генерички пораки до голем број луѓе на LinkedIn или на други професионални мрежи.

Експертите советуваат секоја порака да има конкретна причина и да покажува дека знаете кому му се обраќате.

Тоа не мора да значи дека лицето го познавате лично. Заеднички интерес, конференција на која сте присуствувале, професионална тема за која објавува или нешто интересно од неговата кариера може да биде доволна причина за започнување разговор.

Идејата е соговорникот да почувствува дека пораката е наменета токму за него, а не дека е дел од стотици исти пораки.

2. Не ја заборавајте професионалноста

Без разлика дали контактот го остварувате лично или преку интернет, професионалното однесување е важно.

На деловни настани треба да внимавате на начинот на кој комуницирате, но и на однесувањето воопшто. Истото важи и за социјалните мрежи, каде начинот на кој пишувате и се претставувате остава впечаток кај потенцијалните работодавци и соработници.

Експертите особено предупредуваат дека пријателскиот пристап не значи дека треба целосно да исчезнат професионалните граници.

Дури и навидум малите детали, како поздравувањето и ракувањето при лична средба, можат да влијаат на првиот впечаток.

3. Не се облекувајте несоодветно за настанот

Првиот впечаток и понатаму има значење, особено кога професионалниот контакт се остварува лице в лице.

Советот е облеката да ја прилагодите на индустријата и на компанијата со која сакате да соработувате. Она што е соодветно во адвокатска канцеларија не мора да биде соодветно на неформален настан во технолошкиот сектор.

Практично правило е да се облечете како некој што работи во таа индустрија, но со малку поголемо внимание на изгледот.

Ова важи и за онлајн состаноците. При видеоповици треба да се води сметка не само за облеката, туку и за целокупниот изглед и средината во која се одржува разговорот.

4. Не чекајте да останете без работа за да се поврзувате со луѓе

Многумина почнуваат сериозно да го градат професионалниот networking дури кога ќе останат без работа или кога ќе почувствуваат дека нивното работно место е несигурно.

Според експертите, тоа е една од најголемите грешки.

Професионалните односи треба да се одржуваат и кога не барате ништо од другата страна. Понекогаш е доволно да честитате некому за успех, да прашате како е или да споделите информација која би можела да му биде корисна.

На тој начин, кога навистина ќе ви биде потребна помош, нема да му се појавите на некого одеднаш со конкретно барање.

Исто така, никогаш не знаете кого познава личноста со која сте воспоставиле контакт.

5. Не дозволувајте разговорот да се претвори во монолог за вас

Краткото претставување на сопственото искуство и способности може да биде корисно, но networking не треба да се претвори во еднонасочен разговор.

Наместо веднаш да зборувате за вашата работа, искуство и за тоа што барате, обидете се да му поставите прашања на соговорникот.

Покажете интерес за неговата работа, искуство и ставови.

Експертите предупредуваат и дека премногу извежбаното претставување може да звучи неприродно и роботизирано.

Најдобрите професионални контакти често се создаваат преку спонтан и искрен разговор, а не преку однапред научен говор.

6. Не барајте премногу веднаш

Создавањето професионални контакти подразбира и меѓусебна помош, но важно е да се знае кога и што може да се побара.

Од близок пријател или долгогодишен професионален контакт може да побарате повеќе отколку од човек што штотуку сте го запознале.

Затоа, барањето треба да биде прилагодено на односот што го имате со соговорникот.

Наместо да побарате неколку услуги одеднаш, бидете конкретни и реални во она што го очекувате.

Но, размислувајте и во спротивна насока – не само што можете да добиете од некого, туку и што можете да му понудите вие.

Тоа може да биде корисна информација, совет, препорака или поврзување со друга личност.

Еден мал потег може да направи голема разлика

Деловното поврзување не завршува со разговорот.

Експертите советуваат по средбата да испратите кратка порака со благодарност, во следните неколку часа или наредниот ден.

Уште поважно е подоцна да покажете дека сте го запомниле разговорот. Ако некој ви дал совет, известете го како сте го примениле. Со тоа покажувате дека средбата не била само обид да добиете услуга.

На крајот, целта на networking не е да соберете што е можно повеќе контакти, туку да создадете квалитетни професионални односи.

Кога еден ден навистина ќе ви биде потребна нова работа, многу повредни можат да бидат неколку луѓе кои ве познаваат, ви веруваат и имаат позитивно мислење за вас, отколку десетици контакти со кои само сте размениле неколку зборови.

Извор: Bizportal.rs