ЕкономијаМакедонија

Струјата за домаќинствата во 2027 година ќе се набавува по 65 и 74 евра за мегават-час

АД ЕСМ достави најповолни понуди на тендерот на ЕВН Хоме за набавка на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи за целата 2027 година. 

ЕВН Хоме, како универзален снабдувач со електрична енергија, спроведе тендер за набавка на електрична енергија за периодот од јануари до декември 2027 година, поделен во два лота според количината на електрична енергија.

За првиот лот, кој опфаќа 70 проценти од планираните потреби, најповолна понуда достави ЕСМ со цена од 65 евра за мегават-час. За вториот лот, кој ги покрива преостанатите 30 проценти, компанијата понуди електрична енергија по цена од 74 евра за мегават-час.

Од ЕВН Хоме информираат дека постапката е спроведена под надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и утврдената методологија.

Во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета конечната цена на електричната енергија за домаќинствата врз основа на утврдените влезни параметри.