Парадокс за менаџерите: Отпуштањата поради вештачката интелигенција можат да ја намалат продуктивноста
Компаниите вложуваат милијарди во вештачка интелигенција очекувајќи поголем ефект од вработените, но новата анализа покажува дека отпуштањата поврзани со ВИ можат да имаат спротивен ефект.
Стравот од губење на работата ја намалува довербата на вработените во технологијата, а со тоа и придобивките од нејзиното воведување.
Вложувањата во вештачка интелигенција достигнаа рекордни нивоа, но очекуваниот скок на продуктивноста засега изостанува. Според истражувањето на Федералните резерви во Атланта, околу 90 % од раководителите сметаат дека ВИ сè уште ја нема зголемено продуктивноста во нивните компании. Дел од поновите истражувања притоа сугерираат дека врз растот на продуктивноста во последните години повеќе влијаеле работата од далечина и други фактори отколку самата вештачка интелигенција.
Едно од можните објаснувања нуди истражувањето на професорот Марк Шуаи Ма и неговите колеги, кои анализирале милиони рецензии од вработени, илјадници извештаи за работењето на компаниите и стотици најави за вложувања во ВИ и отпуштања во американските јавни компании во текот на последните пет години.
Резултатот е своевиден парадокс: колку повеќе компаниите најавуваат вложувања во вештачка интелигенција, толку е поголема веројатноста истовремено да најават отпуштања поврзани со ВИ.
ВИ како оправдување за намалување на бројот на вработени
Логиката на менаџментот навидум е едноставна. Ако вештачката интелигенција им овозможува на вработените да завршат повеќе работа, на компанијата за истиот обем на активности би ѝ требале помалку луѓе. По големите вложувања во ВИ притоа постои дополнителен притисок што побрзо да се покаже финансиски поврат.
Намалувањето на бројот на вработени е еден од најбрзите начини за намалување на трошоците за работа и подобрување на краткорочните финансиски показатели. Истражувањето покажува дека некои компании дури најавувале отпуштања пред самите вложувања во ВИ, за да ослободат пари за идните технолошки проекти.
Но, реакцијата на берзата на таквите потези не ги потврди очекувањата. Просечната реакција на цената на акциите по најавите за отпуштања поврзани со ВИ била близу нула, додека во повеќе од половината набљудувани случаи реакцијата на пазарот била негативна или неутрална.
Тоа покажува дека во таквите одлуки пазарот ги препознава и скриените трошоци.
Најголемиот проблем може да биде стравот на вработените
Еден од најважните скриени трошоци е расположението на вработените.
Работниците се клучни за успешна примена на вештачката интелигенција. Тие мора да ги прифатат новите алатки, да ги вклучат во секојдневните процеси и да научат како да ги користат за поквалитетно и побрзо вршење на работата. Истовремено им се кажува дека технологијата би можела да ги укине нивните работни места.
Истражувачите анализирале милиони рецензии од вработени на Гласдур и утврдиле дека коментарите кои се однесуваат на ВИ се значително понегативни од вкупниот тон на рецензиите.
Вработените не го наведуваат само стравот од губење на работата. Меѓу најчестите проблеми се недостигот на соодветна едукација, премалку можности за развој на нови вештини, лошо управување со ВИ стратегијата и сомнеж во тоа дали технологијата навистина ги носи ветените подобрувања.
Сепак, загриженоста за сигурноста на работното место била убедливо најкритичната тема.
Менаџерите оптимистични, вработените не
Истражувањето пронајде интересен јаз меѓу управите и вработените. Анализирани се околу 10.000 транскрипти од разговори на компании со инвеститорите, а тонот на менаџерските расправи за вештачката интелигенција бил доследно оптимистички. Проблемот е што тој оптимизам не бил значајно поврзан со подобри резултати во продуктивноста.
Кај вработените ситуацијата била речиси спротивна. По најавите за отпуштања поради ВИ, нивното расположение кон технологијата нагло се влошувало. Дел од вработените почнуваат да ја доживуваат вештачката интелигенција како закана, особено кога гледаат дека поради неа нивните колеги остануваат без работа.
Извор: mreza

