ЕкономијаМакедонијаНовости

Хотелиерите првите странски гости ги очекуваат во мај

Хотелиерите првите странски гости- Работник
74views

Реализирање на договорите со странските туроператори стопирани во март минатата година и сезона која ќе значи враќање во нормала од мај, очекуваат хотелиерите. Ваквите очекувања тие ги базираат на вакцинацијата за ковид-19 која е почната во земјите од каде што вообичаено доаѓаат туристи, како и постепеното враќање на животот во нормала. Хотелиерите се надеваат дека ќе имаат посетеност годинава, но, како што велат, таа ќе биде пониска од остварената во предковид периодот.

Според Асоцијацијата на хотелиери сѐ ќе зависи од резултатите кои ќе ги даде вакцината за ковид-19 во светтски рамки, и посебно во земјата.

– Ако вакцинацијата која е почната во светот покаже добри резултати се очекува веќе во март да почнат резарвациите, а од мај да почнат да доаѓаат гости. Сѐ уште се активни договорите со странските туроператори направени на крајот на 2019 година кои требаше да се реализираат лани. Секако не можеме да очекуваме бројот на гости да биде повисок од она што го остваривме во 2019 година, но ќе биде доволно да почнеме поинтензивно да работиме – вели претседателот на Хотелската асоцијација (ХОТАМ) Крсто Блажевски.

Според него, ваквите очекувања многу ќе зависат од тоа како ќе се одвива вакцинирањето и состојбата со ковид-19 во земјава.

– Знаете дека туристите за да дојдат во земјава треба да бидат сигурни дека се безбедни. Годинава безбедноста е поврзана со здравствената криза и од тоа колку ќе биде можноста да бидат заразени ако патуваат во земјава ќе зависи дали туристите ќе се одлучат да престојуваат во неа. Се надеваме дека со почетокот на вакцинирањето ќе се подобрува и оваа безбедност за туристите, за да можеме да очекуваме и гости – додава Блажевски.

Според него, и сега престојот во големите хотелски капацитети е безбеден бидејќи се почитуваат сите протоколи, но со намалувањето на можноста за инфицирање се зголемува и можноста туристите да изберат да престојуваат во хотел.

– Хотелите се придржуваат на протоколите за растојание, број на присутни гости, чистењето, дезинфекцијата и озонирањето на собите. Големите хотели ги даваат тие погодности и поголема сигурност на гостите. Сепак, за враќање на конгресниот туризам кој е дел од меѓусезонската работа на хотелите потребно е многу повеќе, односно враќање на нормалното живеење – вели Блажевски.

Тој смета дека како и лани планинскиот туризам има повеќе можности да привлече туристи и годинава бидејќи се реализира во мали групи и на отворено.

– Покрај ова, добро ќе котираат и викендичките и селскиот туризам и тие треба да се искористат од страна на државава при привлекувањето на странски туристи – додава тој.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, кои се однесуваат за октомври лани, бројот на туристите во овој месец изнесувал 33.929, а бројот на ноќевањата 80.612. Од нив 25.403 туристи престојувале во хотелите во земјава. Тие оствариле 53.022 ноќевања. Според овие податоци, домашните туристи оствариле 35.482, додека странците скоро половина помалку или 17.540 ноќевања. Најмногу ноќевања во октомври лани се направени во хотелите со четири ѕвездички и тоа 25.999 ноќевања.

Advertisement