КолумниНовости

„Храбро“ е да тврдиш дека си на страната на работниците, а да не дојдеш да ја презентираш програмата пред нив

   Време за читање 2 минути

Синдикатите да не се секираат, доколку СДСМ остане на власт ќе ја зголеми минималната плата на 30,000 денари во 2025 година. Ова е парафразирана изјава на еден функционер на СДСМ која ја посочи на една национална телевизија. Тој додаде дека партијата секогаш била на страната на работниците, но нејзините постапки покажуваат дека не е баш така.

На 1-ви мај еден од синдикатите организираше настан на кој ги покани сите политички партии за да ги презентираат своите програми пред дел од нивните членови. Една од партиите која не се одважи да дојде е токму СДСМ. Ова мислам дека многу кажува колку партијата е на страната на работниците.

Зошто не дојдоа, навистина не знам. Тие самите треба да кажат. Според мене, нивното неприсуство се должи на една од овие две работи, а можеби и на двете, – или не ги почитуваат вработените кои овој синдикат ги претставува или чувствуваат вина и срам поради постапките во изминатите 7 години.

Оваа власт во претходниот период се обиде, а во некои наврати успеа, да направи штетни чекори за работниците. Воведоа 72 часовна работна недела, со препорака го суспендираа законското решение за недела неработен ден за време на Нова година, сакаа да го донесат Законот за административни службеници со кој платите на дел од административните службеници ќе беа под минималната, не ги земаа предвид препораките и барањата на нерепрезентативните синдикати, не го донесоа новиот Закон за работни односи на кој се работеше од 2019 година, ниту Законот за безбедност и здравје при работа… Има уште работи кои не ми текнуваат. Да дојдеа на настанот најверојатно ќе требаше прво да дадат отчет за изминатите 7 години, па потоа да ја презентираат програмата.

Можеби и ВМРО – ДПМНЕ да беше на нивно место немаше да дојде. Ако дојде нивниот ред, ќе ги видиме и нив како ќе работат. До следните парламентарни избори.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси