Правда

Царовска во Кочани: Успешно функционира онлајн наставата

Царовска во Кочани - Работник
93views

Министерката за образование и наука, Мила Царовска и градоначалникот Николчо Илијев денес посетија неколку училишта во Кочани и имаа работна средба со директорите од образовните установи во градот.

Министерката Царовска истакна дека Општина Кочани за исклучително краток период успеа да ја прилагоди наставата на условите коишто ги наметна пандемијата со Ковид-19, но и да продолжи со реализација на започнатите инфраструктурни инвестиции во образованието, како што се спортските терени во дворовите на СОУ „Љупчо Сантов“ и ОУ „Малина Попиванова“.

„Од она што можев да го видам на терен во средното училиште без проблеми тече онлајн наставата. Директорот и градоначалникот ме информираа дека навреме имаат обезбедено интернет конекција и ИТ уреди за наставниците и дека поголемиот дел од учениците ја имаат потребната опрема. Исто така, без потешкотии се спроведува и учењето на далечина во останатите основни училишта во Кочани, кадешто погорните одделенија од трето одделение учат онлајн. Она што би сакала да го потенцирам е дека онлајн наставата успешно функционира и на ниво на држава, односно 88% од учениците без потешкотии ја следат наставата од своите домови. Тоа покажува дека имаме континуитет во образовниот процес во државата“, рече Царовска.

Министерката нагласи дека за сите кои немаат ИТ уреди, обезбедена е опција за следење на наставата преку 15 минутни часови кои се емитуваат на националната радио-телевизија, но и преку доставување на печатени материјали од страна на наставниците кои имаат обврска да ги контактираат и да го следат совладувањето на материјалот. За наставниците и учениците коишто се вклучени во наставата со физичко присуство апелираше да ги почитуваат мерките за заштита и во училиштата и надвор од нив, бидејќи на тој начин го спречуваат ширењето на заразата и го штитат јавното здравје.

Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев рече дека и во услови на здравствена криза наставата во основните и средните училишта во општината се одвива без поголеми проблеми, а заразените наставници и ученици се спорадични случаи.

„Министерката Царовска може да се запознае и со тековните проектни активности во училиштата: изградба на спортски терени, реконструкција на подни површини, ново осветлување на училишните дворови, набавка на ново полуконцертно пијано. Со тоа покажуваме дека и во услови на Ковид-19 продолжуваме да инвестираме и се надеваме дека учениците ќе можат да се вратат во училиштата каде ги очекуваат подобрени и современи услови за реализација на наставата“, посочи градоначалникот Илијев.