МакедонијаПравдаСветот на работникот

Царовска: Наставниците се најважната алка во образованието, силно ќе инвестираме во нив

83views

Министерката за образование и наука Мила Царовска, вчера во гостување во емисијата „Вин-Вин“ на телевизија Телма рече дека инвестирањето во наставниците ќе биде еден од клучните приоритети, бидејќи тие се алката на пренесувањето на знаењето на децата.

„Мора да истакнам дека навистина треба да се работи на мотивација на наставниците да го дадат максимумот од себе. Имаме прекрасни наставници кои се ентузијасти и кои верувам дека ќе научат да ја практикуваат платформата и да ја држат наставата преку неа. Ако постојано ги обучуваме сигурна сум дека идната година ќе постигнеме уште поголеми успеси. Имаме и група наставници кои потешко ќе се снајдат, но верувам дека и тие ќе покажат резултати“, рече Царовска.

Министерката истакна и дека ќе се работи на менталното здравје коешто е многу важно и дека министерството освен што ќе се фокусира на успешен старт на учебната година во време на Ковид, ќе се фокусира и на психолошката поддршка на учениците.

„Ако се фокусираме само на техничките знаења на учениците ќе создадеме генерации што нема да знаат да почитуваат. Затоа сметам дека е многу важно да воспоставиме и психолошка поддршка преку Единствената национална платформа . Деновиве за тоа ќе разговараме со психолозите од повеќе здруженија во државата кои испратија писмо со иницијатива за соработка“, рече Царовска.