- Advertisement -
НовостиПравдаСветот на работникот

Царовска на средба со наставниот кадар, наставниците задоволни од новите наставни програми за прво одделение

Царовска на средба со наставниот кадар - Работник
92views

Новите наставни програми за прво одделение се комплементарни со Концепцијата за основно образование од која всушност и произлегуваат и истите ќе придонесат кон значително осовременување на наставата во училиштата. Добро е што за прв пат во еден ваков процес се прави меѓусебно поврзување на програмите и што во нивната изработка учествуваат поголем број експерти од областа и практичари – наставници од училиштата.

Ова е заклучокот од денешната средба на министерката за образование и наука со наставниците од основните училишта на која пред нив беа презентирани новите наставни програми за прво одделение чија изработка е во завршна фаза, а по кои тие ќе треба да работат во новата учебна година.

Advertisement

Наставниците сметаат дека во новите наставни програми се опфатени теми кои се особено значајни за развојот на личноста на ученикот, а кои недостасуваа досега, како родовата еднаквост, инклузивноста, мултикултурализмот, заштита на животната средина, почитување на различностите и слично. Сепак, најголема придобивка е интеграцијата на програмите, која овозможува реализација на сродни теми од различни наставни предмети во текот на исто одделение, односно разгледување на една тематика од повеќе различни перспективи и аспекти што овозможува полесно разбирање и совладување на материјата од страна на учениците.

Како што посочија наставниците, суштински важно е што новите наставни програми се темелат врз основа на Национални стандарди базирани на компетенции и се фокусираат на резултати од учењето. Ова им овозможува поедноставно следење на напредокот на учениците, но и автономија во изборот на материјали, теми и прилагодување на наставата на групи и поединци со цел постигнување на очекувањата од секој еден ученик. Ова ќе значи создавање на сé поквалитетни ученички генерации во иднина. 

Advertisement

Значајно за наставниот кадар е и тоа што од резултатите од учењето во рамки на програмите се изведени стандардите за оценување кои укажуваат на најмалку четири нивоа на когнитивни постигања на учениците, согласно Блумовата таксономија (познавање, сфаќање, примена и анализа/евалуација/креирање) и кои овозможуваат поголема објективност и транспарентност во оценувањето на тој начин што им помагаат на наставниците во определувањето и оформувањето на критериуми за оценување.

За време на работната средба со министерката, наставниците посочија и неколку сугестии по однос на содржината на наставните програми, кои се прифатливи и ќе бидат интегрирани во конечните верзии.

Велат дека не очекуваат потешкотии во имплементацијата, бидејќи сите неопходни чекори за правилно спроведување се наведени и поедноставени, но сепак, неопходна е обука со која ќе бидат опфатени сите наставници од прво одделение, за што, како што информираше министерката, изготвен е план согласно кој обуките ќе се реализираат преку три модули во текот на мај, јуни и август.

Дополнително, министерката Царовска посочи дека оваа година поддршката кон општините и училиштата од финансиски аспект е зголемена преку блок дотациите, меѓудругото и со цел да се обезбедат неопходните наставни и нагледни помагала, како значајна компонента за квалитетна реализација на наставата. Информираше и дека буџетот на МОН во следните години постојано ќе расте.

Наставните програми се очекува да бидат усвоени и јавно објавени во текот на утрешниот ден од страна на Бирото за развој на образованието како институција координатор на процесот. 

Advertisement