Шаќири: Напредокот на државата ќе зависи од тоа како ќе ги едуцираме младите во оваа земја

Најдобрата инвестиција што можеме да ја направиме денес е во квалитетно образование. На крајот на денот, напредокот на државата ќе зависи од тоа како ќе ги едуцираме младите во оваа земја. Ако се ангажираме вредно, напредокот ќе биде неизбежен, а успесите очигледни. Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на одбележувањето на шестгодишнината од основањето на Универзитетот „Мајка Тереза.

– Знаењето е моќ. Образованието е предуслов за напредок, во секое општество, во секое семејство. Само образовани, можеме да бидеме слободни. Иако ова во никој случај не е лесна задача, треба да се искористи секоја шанса за подигнување на албанското образование во земјава, да се преземат активности со кои се зголемува автономијата на универзитетите, да се создадат нови услови и можности за секој студент, за да може полесно да се соочуваат со пазарот на трудот и да бидат достојни конкуренти на студентите од европските и други универзитети во светот, изјави Шаќири.

Изразувајќи благодарност до иницијаторите за формирање на првиот државен универзитет на албански јазик во главниот град, министерот истакна дека е задоволен од континуираниот напредок кој е постигнат во првите шест години од постоењето на овој Универзитет.

– Убеден сум дека ќе продолжите со најголема посветеност и успешна обука на студенти, кои ќе бидат столбот на знаењето во оваа земја. Континуирана поддршка и помош за реализација на вашата мисија нема да изостане во ниту еден момент од Министерството за образование и наука како и од Владата. Подготвени сме нашите можности и искуство да ги ставиме на располагање на студентите и професори на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје како и на кој било друг универзитет, изјави Шаќири.

 

Министерство за образование и наука