НовостиСветСветот на работникот

Шпанскиот ланец на хотели Мелија поради скокот на цените на киријата купува станови за своите сезонски работници

   Време за читање 1 минута

Шпанскиот хотелски ланец Мелија планира да купи недвижнини за сместување на сезонските работници кои не можат да дозволат да ги изнајмат скапите станови во туристичките места, рекол извршниот директор на ланецот, Габриел Ескарер.

Тој истакнал дека причината за таквиот потег е што постои ризик кризата во стамбениот сектор да предизвика недостиг на работната сила во областа на туризмот во таа земја, пренел Ројтерс.

Ескарер навел дека ланецот на хотели го купил поранешниот хостел на балеарскиот остров Менорка, а слични аквизиции планира и на Ибица и Мајорка, како и на Канарските острови и во континеталниот дел на Шпанија за да ја смести својата работна сила во текот на летната сезона.

Истакнал дека, поради бумот на краткорочни изнајмувања од страна на туристи, пронаоѓањето на апартмани во текот на сезоната станало невозможна мисија и додал дека добрите плати повеќе не се доволни за задржување на талентите.

„Сакавме да обезбедиме сместување за нашата работна сила“, рекол Ескарер.

Стамбената криза во Шпанија е предизвикана од наглиот пад на изградба на нови станови од 2012 година, а е влошена со краткорочниот бум од изнајмување на простори од страна на туристите преку платформите како што е Airbnb.

Според официјалните податоци, Шпанија минатата година угостила рекореден број од 94 милиони туристи, при што три од 10 посетители избрале да престојуваат во куќи за одмор наместо во хотели.

Ескарер напоменал дека купувањето на стамбен простор е радикално решение за Мелија, која во последните две години била принудена да смести дел од персоналот во хотелските соби за да успее да ги ангажира.

Извор: b92.net

Фото: Depositphotos/kalinovsky