Јовевски: МТСП врши упад во колективното преговарање

МАКЕДОНСКА МЕРА- MACEDONIKUM ADMODUM
Tема: Правила, правила, да би те удавила…?
Како што велеше познатиот рефрен од песната на Бора Чорба, веројатно кај нас се случува во реалноста. Новиот Правилник за постапката за доставување и регистрација на колективните договори и нивните измени (го кратам насловот бидејќи во оргинал е километрски и на крај забораваш воопшто за што се однесуваше Правилникот!) има за цел да го „удави“ системот на коелективно преговарање во Македонија. Значи, на мала врата, овој пат не со директно укинување на колективните договори, туку со упад од страна на МТСП во системот на автономија (кој патем е основно начелно) во колективното преговарање сака да изврши директна контрола врз одредбите од колективните договори. Не само што не е докрај јасно за кои видови на колективни договори ќе се однесува, односно дали ќе ги опфати и поединечните – оние на ниво на работодавач/компанија, туку во членот 4 од Правилникот Министерството ќе утврдува дали одредбите во колективниот договор се спротивни на закон (читај меѓуредови дали се по мера на Министерството/Владата). Ако „несоодветните одредби“ не се отстранат, тогаш тој колективен договор нема да се регистрира. На тој начин се прави директeн упад во системот на колективно преговарање и државата ex lege кај сите колективни договори е „трета страна“. Ова е спротивно на Уставот, на Законот за работните односи и на конвенциите на МОТ ратификувани од наша страна. Поставувам прашање: Што кога колективниот договор нема да се регистрира во МТСП? Дали тогаш нема да важи, односно да се применува??
МАКЕДОНСКА МЕРА е не мешање на државата во колективното договарање и социјалниот диајлог! Тоа е израз на свест, култура и зрелост во рамките на социјалниот дијалог и нормативен стандард. Сепак, оваа МЕРА се уште е не остварен идеал кај нас…!
проф. д-р Лазар Јовевски