ЈСП нема да штрајкува утре, од раководството им било ветено дека платата ќе им биде исплатена

Вработени во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје денеска се заканија дека јавниот превоз во градот ќе прекине доколку не им биде исплатена септемвриската плата. Од ЈСП, пак, преку соопштение најавија нејзина исплата и тврдат дека нема да дозволат скопјани да останат без јавен превоз.

Но, во меѓувреме, претседателот на синдикалната организација на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) при ЈСП Миќо Стојановски за Радио МОФ вели дека сè уште го немаат примено ваквото известување, велејќи дека раководството на претпријатието требало тоа да го направи прво кон репрезентативните синдикати.

„Во 15 часот имаме средба трите синдикати, и ќе седнеме и ќе заземеме став. Инаку, нашата последна средба викендов и денеска беше дека утре застануваме, и тоа до моментов, до 15 часот сè уште важи. Ако изјавата на ЈСП е сериозна што стигнала до вас и дека тоа значи дека во наредните ден, два ние ќе ги добиеме платите, тогаш најверојатно ќе ја прифатиме, затоа што сакаме да не дојде до несакани работи, меѓутоа ако е само изјава дадена за да се добие на време, тогаш застануваме“, вели Стојановски.

Во меѓувреме, тој вели дека претходно ја информирале градоначалничката Данела Арсовска, но и претпријатието за нивните намери, но дека досега немаат одговор.

Според него, на вработените и претходно им доцнеле плати, но вели дека немаат намера да бидат под стрес дека во иднина ќе се случуваат вакви работи.

„Или нека кажат дека состојбата во градот е таква, па да мора да се ревидираат колективни договори, дали ќе треба привремен принуден одмор или отпуштање на работници, сето тоа се прави на маса и со договор, а не на ваков начин да касни платата, да бидат учесниците, возачите во јавен градски превоз гладни и да не можат своите обврски да си ги извршуваат така како што налага градот. Значи плата мора да има на време, не сме фирма која може да чека, затоа што таква ни е и структурата, а таква ни е и фирмата, јавен и безбеден и брз градски превоз кон корисниците на услуги“, објаснува Стојановски.

Преку соопштението кое го испратија во медиумите, од ЈСП пак сметаат дека централната власт и дел од општините ќе ги исплатат средствата со кои се исплаќа плата за вработените во ЈСП.

„Очекуваме дека час поскоро ќе ги подмират минатогодишните долгови и тековните обврски како не би се довела во прашање редовната работа на претпријатието. И покрај тешката ситуација, на која никој во државата не остана имун, работиме за јавниот превоз да продолжи да функционира без проблеми во интерес на сите негови корисници. Во меѓувреме, и покрај сите околности, економската криза и константниот пораст на цената на горивата, висината на цената на билетите остана иста, а нема редукции на возниот ред“, децидни се од ЈСП.