МакедонијаПравдаСветот на работникот

Јуридика: Дали младите се вработуваат на безбедни и здрави работни места?

Јуридика: Дали младите - Работник
75views

ДАЛИ МЛАДИТЕ СЕ ВРАБОТУВААТ НА БЕЗБЕДНИ И ЗДРАВИ РАБОТНИ МЕСТА?

Вработувањето на младите лица по завршување на образованието е предизвик со кој се соочуваат и повеќето развиени земји, а во Македонија на незавидно ниво. Почесто се случува младите да бараат работа пред сè за финансиска независност од родителите, па често пати се вработуваат на работни места кои од нив бараат физички или интелектуален напор кој тие не се подготвени да го совладаат.
Секој од нас познава роднина, сосед/ка или комшија/комшивка кои не бираат работа поради желбата да се вработат поскоро и да добијат сопствен приход, па така се наоѓаат на работни места за кои не се ни свесни дека носат ризик по нивните безбедност и здравје. Тешката физичка работа за млад човек често знае да предизвика повреда на работно место, а е особено нагласена во одредени дејности како што е градежниот сектор, индустријата, рудниците, сообраќајот – често на вести слушаме случаи на повреди на работниците, за жал неретко и со фатални последици. Работењето на пример на несоодветна температура или несоодветно ракување со хемикалии, машини, механизација и сл. претставуваат ризик по здравјето.
Затоа, доколку сте младо лице кое бара работа, секогаш совесно анализирајте го местото на кое сакате да се вработите.

Најпрвин, дали го посакувате тоа работно место- замислете дали се гледате таму за 5 години?Потоа, добро би било да прашате дали работното место нуди можности за напредување, дали платата ќе ви расте или дали ќе добиете можности за обука и надградување на вашите вештини?
Доколку сметате дека сте во економска состојба која ве приморува да најдете работа која ќе ви обезбеди егзистенција, анализирајте ја локацијата на работното место и условите во кои ќе работите: колку е оддалечено од вашиот дом, во какви хигиенски услови ќе работите, на каква температура, дали ќе бидете изложени на надворешни влијанија, дали има опасност од повреда, дали ќе ракувате со машини за кои не сте добро обучени и сл. Веројатно ќе работите под стрес, но внимавајте да не станете жртва на психолошко малтретирање –мобинг (повеќе информации за справување со оваа појава можете да најдете во нашите постари објави).Ве советуваме да го прашате вашиот работодавач дали работното место има ризик од професионална болест.

Бидете будни и внимателни при изборот на работното место. Понекогаш вреди да се почека и да се има малку повеќе трпение при барањето работа. Тој период можете да го искористите и за надградување на вашите вештини преку волонтерска или практична работа, или пак да посетите обуки или курсеви. Во денешно време имате навистина квалитетни бесплатни онлајн обуки и предавања, за кои е потребно да го знаете англискиот јазик. Доколку имате јазична бариера, најдете бесплатни јазични курсеви (врувајте ги има многу!) и научете странски јазик.
Можностите се големи, а вашето здравје и безбедност се бесценети. Затоа млади, бидете мудри и искористете ги сите можности кои ви се на дофат!

Доколку имате да споделите извори кои ви помогнале при стекнување вештини за вашето вработување, зошто да не ги споделете во коментар? На тој начин ќе им помогнете на вашите врсници кои ќе ви бидат благодарни! Исто така ве охрабруваме да се обратите до Јуридика преку порака за да се информирате детакно за можностите и услугите кои ги нудиме за вашиот професионален развој.

Фејсбук статус на Асоцијацијата за правно – економски истражува „Јуридика“.