Австрија воведува строги мерки за заштита од топлотни бранови: Ќе важат и за илјадници работници од Балканот
Во Австрија, каде што живеат и работат голем број граѓани од Србија, Македонија и други земји од Балканот, се подготвуваат нови регулативи кои ќе го променат начинот на работа на отворено, особено во услови на екстремни горештини.
Како што пренесуваат австриските медиуми, а цитира магазинот Феникс, новите правила ќе стапат на сила од 1 јануари 2026 година обврзувајќи ги работодавачите да преземат конкретни мерки за заштита од жештини, доколку GeoSphere Austria издаде предупредување за топлотен бран од најмалку втор степен (температури од 30 до 34°C).
Министерката за социјални прашања од СПО, Корина Шуман, изјави дека уредбата ќе бара сите кабини од кранови и друга самостојна градежна механизација да бидат опремени со ладење или клима-уреди. Оваа мерка доаѓа откако во кранска кабина биле измерени дури 50°C.
Планот за заштита од жештини ќе мора да биде достапен за сите вработени, било да работат на градилишта, во индустриски зони или на изолирани локации. Шуман истакна дека целта е превенција од топлотни ризици преку организациски и технички мерки, како:
- Ран почеток на работниот ден
- Намалување на интензитетот на работа
- Обезбедување сенка или преместување на работата во ладни простории
- Носење лесна облека, заштита за глава и користење креми за сончање
Затворените работни места во Австрија веќе се покриени со постоечката Уредба за работни места, но ова е првпат да се воведе правна регулатива за работници на отворено.
Новите правила ќе имаат и транзициски период за адаптација на работната опрема и организацијата.
Со оглед на големиот број балкански работници во Австрија, овие промени директно ќе влијаат на нивните секојдневни услови за работа, особено во секторите како што се градежништвото, логистиката и земјоделството.
Извор: b92.net

