ЕкономијаСвет

„Германската економија останува на климави нозе“: Објавена прогноза до 2027 година – што значи тоа за работните места и платите?

Германската економија во наредните две години ќе покаже знаци на опоравување, но поради трајните структурни слабости, тој замав нема да биде долготраен, предупредуваат водечките економски институти.

Според редовната Есенска прогноза за германската влада, во 2026 година се очекува раст на БДП од 1,3 проценти, главно поради издашните државни инвестиции. Во 2027 година економијата би можела да порасне за дополнителни 1,4 проценти, додека за тековната 2025 година експертите предвидуваат скромен раст од само 0,2 проценти – по две години рецесија.

„Германската економија и натаму стои на климатави нозе“, изјави шефицата за конјунктура при Институтот DIW во Берлин, Џералдин Дени-Кнедлих.

Економистите ги повикаа владејачките партии – Демохристијаните (CDU/CSU) и Социјалдемократите (SPD) – да преземат повеќе мерки за зголемување на конкурентноста на стопанството и претставија план од дванаесет точки за структурни реформи.

„Благодарение на зголемените државни трошоци за инфраструктурата, домашната економија навистина добива замав, но структурните проблеми само се прикриваат. Перспективите се влошуваат, што се гледа и преку очекуваниот пад на стапката на раст на производниот потенцијал“, нагласуваат институтите, пренесува DW.

Високи трошоци и недостиг на работна сила

Главни пречки за долгорочниот раст се високите трошоци за енергија и труд во споредба со други земји, недостигот од квалификувана работна сила и падот на конкурентноста. Додека јавниот сектор и услугите во следните две години може да растат побрзо, индустриското производство ќе има само благо заживување.

Особено загрижувачко е што се намалува странската побарувачка за германска стока – нешто што во минатото беше главен двигател на економскиот успех на Германија.

„Германосклероза“ и пад на довербата

Испитувањето на расположението кај германските претприемачи, спроведено од Ифо-институтот во Минхен, покажа најлоши резултати во секторот логистика и транспорт, додека градежништвото бележи благ оптимизам.

Директорот на Институтот за економија (IW), Михаел Хитер, зборува за „германосклероза“, истакнувајќи дека земјата се наоѓа во структурна криза на растот:
„Успешниот економски модел е под притисок. Извозот страда поради деглобализација и протекционизам, инвестициите стагнираат, а граѓаните стравуваат за своите работни места. Тоа е структурно прашање – и краткорочни мерки нема да помогнат“, изјави Хитер за ARD.

Есенската прогноза е изготвена под водство на Институтот DIW во Берлин, во соработка со IfW од Кил, Ифо-институтот од Минхен, RWI од Есен и IWH од Хале.

Новата демохристијанско-социјалдемократска влада на канцеларот Фридрих Мерц, која ја презеде власта во мај, вети дека ќе ја врати стабилноста на германската економија што со години се движи на работ на рецесија.

Извор: EUpravo zato.rs