Голготата наречена работници без К-15 или „100 денари се доволни?!“
Преостануваат уште два месеци за исплата на регрес за годишен одмор, попознат како К-15 во приватниот сектор. Вредноста на минималниот К-15 оваа година се искачи 11,500 денари. Сепак, доколку прашате некој работник од приватниот сектор, за тоа дали се радува на оваа сума на пари, тој верувам дека ќе одмавне со главата и ќе рече нешто од типот: „Џабе ни даваат К-15, кога после не тераат да го вратиме назад“ или „минатата година ми исплатија само 100 денари, така да не очекувам ништо подобро оваа година“. По самите одговори можете да заклучите дека очекувањата на работниците за К-15, пари коишто законски им следуваат, се многу ниски.
Речиси при крајот на секоја година слушаме поплаки од страна на здруженијата за работнички права и синдикатите, за тоа дека на работниците не им се исплаќа К-15. Зошто оваа година би било нешто поразлично? Зарем властите и оние коишто се задолжени да ги бранат правата на работниците во приватниот сектор направија нешто за да се смени ова? Одговорот е КАТЕГОРИЧНО НЕ. Ниту Државниот инспекторат за труд може некако да им помогне на овие работници, најмногу поради тоа што казните коишто се наменети за газдите кои нема да исплатат К-15 изнесуваат до 200 евра за правното лице, односно компанијата, а 150 евра за управителот на компанијата. Еднаш слушнав дека некој газда на текстилна фабрика во Штип се пофалил дека 200 евра дава само за во кафеана, со што сакал да каже дека не е ништо за него оваа сума на пари. Во конкретниот случај којшто е од минатата година кој можете да го видите на овој линк, газдата платил само 6,154 денари. Хахах. Го ошурале човече. Мислам навистина е смешна оваа сума за газда кој тежи милиони евра, редовно купува нови џипови и има јахти во Јужна Франција.
Системот наголемо потфрла и се уште не може да се изнајде механизам како да се спроведе обемна и целосна контрола за тоа кој исплатил К-15, кој исплатил, па побарал од работниците да им ги вратат или кој исплатил мала сума на пари, како 100 денари или 1,000 денари. Оние компании коишто имале навистина тешкотии во работењето, односно биле погодени во голем процент од ковид пандемијата, навистина ги разбирам. Сепак, откако ќе се врати нивната финансиска стабилност, мислам дека треба да им исплатат К-15 на своите вработени.
Од друга страна, Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ постојано зборува дека проблемот лежи во Колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството којшто го имаат потпишано ССМ и ОРМ, а со кој се дозволува оние компании кои не се во можност, да не исплатат К-15. Во Спогодбата од 13.07.2015 година, која ја имаат потпишано Синдикатот и Организацијата на работодавачи стои „Кај работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско–финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна предходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективендоговор“ Овој е делот од колективниот договор кој за Здружението, но и за работниците е спорен. Мое мислење е дека во истиот треба да се додаде дека работодавачот е обврзан по подобрувањето на финансиската состојба да го доплати остатокот од регресот на работникот. Мислам дека ова е логично, зарем не?
Според Здружението лани имало 70,000 пријави од страна на работниците за неисплатен К-15, што е бројка која не верувам дека ќе биде нешто помала и оваа година. Сепак, останува се види што ќе се случи со исплатата на К-15 до крајот на оваа година. Се надевам дека бројот на пријави ќе се намали, но како и што реков – многу тешко.

