Вести

Град Скопје му додели 20,000 денари на првото бебе родено во 2021 година

Град Скопје му додели 20 илјади денари на првото бебе што се роди во 2021

Првото родено бебе во 2021 година во Скопје е машко, тешко е 3 650 грама и е долго 51 сантиметар. Новороденчето е родено во 00:01 часот, мајка на бебето е скопјанката Бојана Смилеска, а ова е нејзино второ дете.

Првото родено бебе, поради протоколите за корона вирусот денеска на Клиниката за гинекологија го посети само министерот за здравство Венко Филипче.

Градот со желби за здравје, среќа, радост и бериќет, на првото родено бебе во Скопје му додели штедна  книшка  со износ од  20.000 денари.

Инаку, во текот на утринските часови во Клиниката за гинекологија се родија уште едно машко и женско бебе.

Во Битола пет новородени бебиња, првото машко

Во Битола на 1 јануари се родија пет новороденчиња, а првото бебе е машко.

Според востановената традиција, градоначалничката Наташа Петровска оствари средба со дежурниот медицински тим на гинеколошкото одделение во ЈЗУ Клиничка болница-Битола, преку кои на родителите им честиташе за новороденчињата.

– Добре ни дојдоа на свет нашите пет нови сограѓани. Нека ни се здрави, живи и вековити. Честитки до родителите семејствата и честитки до дежурните екипи на Клиничка болница за нивната професионалност и посветеност. Честитки за мајката на првороденото кое ни дојде во нашиот град првата минута после полноќ. Оваа година, за разлика од минатите, одлучивме од здравствени и безбедносни причини да не ги посетиме директно мајките и новородените, но секако тоа не нè прави помалку топли и помалку искрени во нашата радост за она што ни го донесоа, а тоа е пред сè нов живот, порача градоначалничката Петровска.

Градоначалничката Петровска за првороденото бебе додели ваучер во вредност од 20.000 денари, а симболично ги награди и останатите родилки и нивните деца, породени на првиот ден од новата 2021 година.