ЕкономијаМакедонијаСветот на работникотСиндикат

Дали барањето на Синдикатот за еднократна помош од 15,000 ќе биде дел од петтиот сет мерки?

Порталот Работник вчера објави едно од барањата на Синдикатот за угостителство и туризам, со кое тие бараат еднократна финансиска помош од 15,000 денари за сите отпуштени работници во приватниот сектор, во ек на корона кризата, коишто се пријавени во Агенцијата за вработување. Тие бараат оваа мерка да биде дел од петтиот сет мерки за помош на стопанството. 

Работник побара став од Владата на Република С. Македонија во однос на тоа дали може оваа мерка да биде воведена во петтиот пакет мерки.

Од Владата ни одговорија дека набргу следува процес на консултации со синдикатите, претставниците на другите социјални партнери, стопанските комори и сите чинители, со цел да бидат највнимателно утврдени  потребните мерки. 

Истакнаа дека Владата има проектирано средства за оваа намена и во буџетот за 2021 година.

Потсетија дека преку досегашните пакети, по сите основи, се поделени една милијарда и сто педесет милиони евра, нагласувајќи дека ќе се продолжи во таа насока. 

„Со економски мерки државата застана зад повеќе од 30 проценти компании кои беа најпогодените од кризата, со поддршка на работните места и работниците преку плати, коишто се движат од 14.500 до 21.778 денари. Им се помогна и на активните баратели на работа, вработените со плата до 15.000 денари, младите, студентите кои добија ваучери, картички и слично. Дополнително со еднократна помош од 6.000 денари беа опфатени и граѓаните со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица на возраст од 16 до 29 години, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници“, стои во одговорот на Владата.

Бобан Илијевски